Сите вработени во Уставниот суд на Босна и Херцеговина успеаја да се вакцинираат против коронавирусот, но вакцината ја примија во Србија наместо во својата земја, беше потврдено од седиштето на тој суд во Сараево.

Вакцинацијата на населението во БиХ практично сè уште не е почната бидејќи, освен симболичното количество руска вакцина „спутник В“ и донирани вакцини на „Астра зенека“, земјата сè уште не примила ниту една од вакцините нарачани преку механизмот „Ковакс“.

Уставниот суд на БиХ одлучи да го реши овој проблем со барање помош од Србија.

– Уставниот суд на БиХ, во соработка и со поддршка на Уставниот суд на Србија, Министерството за надворешни работи на Србија, српската амбасада во БиХ и Министерството за здравство на Србија, им овозможи на сите вработени во Уставниот суд на БиХ да бидат вакцинирани во Србија – се вели во соопштението на судот.

Тие објаснија дека вакцинацијата со првата доза е извршена на 15 март во болницата во Ужице, а дополнително вакцинирањето со втората доза ќе се организира на сличен начин.

Тие им се заблагодарија на сите во српските институции за помошта додавајќи дека ја прифаќаат нивната помош имајќи ја предвид епидемиолошката состојба во БиХ предизвикана од пандемијата на коронавирусот, земајќи ги предвид предупредувањата и препораките на епидемиолошката професија, земајќи ја предвид процената на ризиците на здравјето на вработените и потребата да се обезбеди непречено функционирање на Уставниот суд на БиХ.