Пред влез во пештерата малиот тим на научници ги навлекуваат заштитните одела, маските и ракавиците за потполно да го прекријат телото, бидејќи контактот со измет или урина од лилјаци би можел да ги изложи на некои од најопасните вируси на светот, пренесува Си-ен-ен.

Опремени со светилки тие ги поставуваат своите мрежи на влезот од темната пештера која е дел од пештерскиот комплекс во кинеската провинција Јунан, позната по големата популација на лилјаци. А потоа го чекаат залезот на сонцето, кога илјадници лилјаци излетуваат надвор од пештерите во потрага по храна, при што налетуваат на нивните мрежи.

Научниците потоа ги собираат мрежите и внимателно ги успиваат лилјаците со благ анестетик пред да извадат примероци од нивната крв. Тимот на американската невладина организација „Еко хелф алајанс“ специјализирана за откривање на нови вируси и превенција од заразни болести ги истражува овие пештери повеќе од 10 години.

Нејзиниот претседавач Питер Дазак е ловец на вируси. Во изминатите 10 години тој посетил повеќе од 20 држави во обид да ја спречи следната голема пандемија, преку истражувањето на пештери во кои има лилјаци, со цел за потрага по нови патогени, односно нови коронавируси.

Откритијата на Дазак и другите членови на тимот се проследуваат како информации до отворената база на податоци на сите познати животински вируси, од кои научниците можат да предвидат кои нишки би можеле да се пренесат и на луѓето, за да бидат подготвени за нова пандемија, како што е ковид-19.

– Собравме повеќе од 15 илјади примероци од лилјаци кои доведоа до идентификација на околу 500 нови коронавируси – вели Дазак.

А еден од примероците пронајден во пештера во Кина во 2013 година се смета за можен предок на ковид-19. Дотогаш беа идентификувани само два човечки коронавируси, откриени во 60-те години на минатиот век. Од основањето на организацијата беа идентификувани уште пет човечки коронавируси, вклучувајќи го ковид-19.

– Целевме на Кина бидејќи првично ги баравме корените на САРС. Но кога сфативме дека има стотици други опасни коронавируси одлучивме да го насочиме нашето внимание кон нивно пронаоѓање – објаснува Дазак.

Кога се појави ковид-19 вирологот Ши Женгли од Институтот за вирологија на Вухан веднаш го спореди со базата на податоци во која беа и 500-те нови коронавируси идентификувани од „Еко хелф алајанс“. Имаше совпаѓање.

– Новиот коронавирус се совпадна со примерок собран од лилјак од пештера во Јунан во 2013 година. Беше со совпаѓање од 96,2 отсто – објаснува Дазак.

Тоа значи дека тој вирус е или предок или близок роднина на ковид-19. Потеклото на вирусот и начинот на пренесување на лушето претставуваат клучни информации, кои можат да доведат до рано откривање на епидемијата и на времени мерки против нејзиното ширење.

Ловците на вируси мораа да откажат дел од нивните експедиции поради сегашната пандемија, но тие уште пружаат поддршка за тестирање на ковид-19 во Африка, Азија и на Блискиот Исток, а го помагаат и одговорот на државите кон пандемијата.

– Се надеваме дека ќе се вратиме на терен што е можно побргу. А тогаш ќе ги насочиме напорите кон пронаоѓање откаде точно дојде ковид -19 – порача Дазак.