Лидерите на земјите членки на ЕУ не постигнаа договор на виртуелениот состанок на кој разговараа за дистрибуција на вакцини.
Според дипломатски извори, премиерот Андреј Пленковиќ побарал повеќе дози вакцини „Фајзер/Бионтек“ за да се надополни недостигот поради бавната испорака на „Астра зенека“.
Се појави дисбаланс во поделбата на вакцините во ЕУ поради проблемите со „Астра зенека“, што ќе испорача само една третина од ветените дози во првата половина на годината, известуваат европските агенции.
Со тоа оние земји што нарачаа најмногу од „Астра зенека“, вклучително и Хрватска, останаа најсиромашни бидејќи сметајќи на вакцината „Астра зенека“, тие се откажаа од дозите на другите производители што можеа да ги нарачаат според нивниот удел во вкупното население на Европската Унија, анализираат медиумите.
„Фајненшл тајмс“ пишува дека состанокот бил интензивен и дека бил прекинат откако било одбиено барањето на австрискиот канцелар Себастијан Курц за дополнителни дози на вакцини за Виена.
Меѓу земјите кои ја одбиле Австрија била и Германија, односно германската канцеларка Ангела Меркел, пишуваат агенциите.
Курц сакаше да осигури дека Австрија ќе стане дел од група на земји на ЕУ, на кои ќе им се дадат дополнителни дози на вакцина, откако се појави недостиг поради проблеми со „Астра зенека“. Но, неговите барања за дополнителни дози, кои подоцна ќе бидат дистрибуирани помеѓу Австрија, Чешка и Хрватска, биле отфрлени од лидерите на ЕУ, ставајќи ја под знак прашалник потребата на Виена за вакцини пред погодените земји во Источна Европа кои заостануваат зад останатиот европски блок .
Холандскиот премиер Марк Руте кажал дека Австрија „не е во полоша состојба“ во однос на вакцините и дека блокот треба да размисли да им даде приоритет на Бугарија, Хрватска и Латвија. Овие три земји, пишува ФТ, постојано заостануваат од просечната стапка на вакцинација во ЕУ по недостиг поради доцнење во испораката на вакцината Астразенека.
Ангела Меркел изјави дека е фрустрирана што Австријците ги критикуваат правилата на ЕУ, пренесуваат европските агенции. Таа на самитот кажала дека „договорите за вакцини биле потпишани од земјите-членки, а не од некои глупави бирократи“.