Ублажувањето на мерките за изолација во Италија ќе биде фазно, во четири етапи, а првата почнува на 27 април, информираат италијанските медиуми, иако за ова сè уште нема официјална потврда од владата.

– Станува збор за четирите наредни понеделници што ќе го постават темпото на повторно отворање на земјата, по карантинот воведен на 9 март со цел да се запре епидемијата на ковид-19, од која починаа повеќе од 25.000 луѓе. Сè ќе зависи од кривата на заразата, односно условот е таа да не расте. Фабриките за производство на алати за земјоделство и шумарство ќе бидат отворени на 27 април – пишува Кориере дела Сера, водечкиот дневен весник во Италија.

Во понеделник, на 4 мај, е предвидено да се отворат градилиштата и текстилната и модната индустрија, а на 11 мај се планира отворање на продавниците за облека и обувки и другите продавници.

Четвртиот понеделник, 18 мај, треба да се отворат рестораните, баровите и фризерските салони.

Постепеното отворање на земјата ќе се одвива со строги хигиенски мерки и социјална дистанца. Во продавниците од 40 квадратни метри или помалку ќе се влегува еден по еден.

Рестораните и баровите мора да обезбедат растојание од најмалку еден метар меѓу гостите, а предност ќе имаат рестораните на отворено во однос на оние со климатизирани простории, бидејќи климатизацијата може да придонесе за ширење на заразни честички.