Фото: Маја Јаневска-Илиева

Новата реалност со пандемијата на вирусот ковид-19 ја наметна потребата за работење од дома, поради што голем број вработени во Македонија ги зедоа компјутерите од компаниите и почнаа да работат од дома, со што се зголеми заканата од хакерите, кои ја користат ситуацијата да се инфилтрираат во системите на компаниите.
Високи претставници на САД, Велика Британија и на некои европски земји издадоа предупредување за опасноста од работењето од дома, додека технолошките компании регистрираа пораст на барањата за давање помош во обезбедувањето работа на лицата што работат надвор од своите канцеларии.
Под закана за хакерски напади се речиси сите, почнувајќи од министерствата, компаниите, медиумите…

Имено, во време кога се апелира за намалување на директните контакти меѓу луѓето за спречување на пандемијата на коронавирусот, политичките лидери ги одржуваат средбите преку интернет, циркулираат голем број неофицијални и официјални документи, така што нивната содржина може да биде цел на хакерски напад.
Слична е состојбата и со компаниите и институциите во земјава, во чии сервери се складирани огромен број податоци, вклучувајќи и лични податоци на огромен број луѓе, па евентуален хакерски напад може да се искористи за кражба на тие податоци, од чии сметки подоцна би можеле да се извлекуваат финансиски средства или, пак, тие да се користат за други криминални намени.
Нападите се случуваат на тој начин што хакерите ги претставуваат пораките што служат за крадење лозинки и влез во компромитираните софтвери како предупредувања или апликации во врска со коронавирусот.

– Постои голем ризик од кражба на податоци во вакви услови, особено во балканските земји, каде што овие безбедносни процедури не се доволно развиени. Пандемијата со коронавирусот покажа дека сега е време да се инвестира во технологијата, во соодветни обуки и опрема – вели ИТ-експерт со кој се консултира весникот.
Според него, во услови кога некои од луѓето го префрлија работењето од дома, зголемен е и ризикот за злоупотреби од страна на хакерите.
– Кога се работи од дома, има голема веројатност да дојде до споделување на лозинките најпрво со блиските членови на семејството, а потоа тоа може да протече и пошироко, што ја загрозува безбедноста на самата компанија. Во земјите каде што тоа е соодветно правно регулирано, за такви пропусти следуваат и соодветни казни – додава ИТ-експертот.
Телекомуникациските компании што нудат услуги во делот на интернетот велат дека работењето на интернет е под постојана закана од хакерите и поради тие причини е потребна соодветна заштита.

– При извршувањето на деловните активности онлајн, секојдневно сме изложени на интернет-закани што можат да му нанесат трајна штета на бизнисот. Оттука, неопходни се и услугите за безбедно користење на интернет… Со изборот на дигиталните решенија и современата технологија, денес не постојат никакви ограничувања, комуникацијата продолжува непречено и безбедно, независно од далечината – посочуваат од „Македонски телеком“.
Несомнено, ситуацијата со коронавирусот во светот покажа колку е важна дигитализацијата, но и инвестирањето во соодветна опрема со која би се обезбедило безбедно работење од секое место, без оглед дали е од канцеларија или од дома.