Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден планира да набави десет милиони таблети од лекот на „Фајзер“ за третман на коронавирусот. Набавката на лекот ќе ги чини САД околу пет милијарди долари, објавува „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на информации од лица запознаени со договорот.

Здравствените служби на САД се надеваат дека лекот на „Фајзер“ ќе биде моќно оружје против коронавирусот, бидејќи резултатите од неговите тестови покажале дека кај невакцинираните со благи до умерени симптоми, тој успешно го намалува ризикот од хоспитализација и смрт.

Третманот со лекот на „Фајзер“ се состои од 30 таблети кои се земаат во текот на пет дена, додека оној на компанијата „Мерк“ се состои од 40 таблети во текот на пет дена. „Фајзер“ вчера поднесе постапка за нивниот лек да биде одобрен за употреба во итни случаи. Сличен лек, произведен од „Мерк“ би можел да биде одобрен за употреба најрано во декември. САД претходно се согласија да платат околу 1,7 третмани со лекот на „Мерк“ по цена од 700 долари.

Лекот на „Фајзер“ го намалува ризикот од хоспитализација и смрт за околу 89 отсто ако се консумира во рок од три дена по почетокот на појавените симптоми, додека ефективноста на лекот на „Мерк“ е околу 50 отсто, во рок од пет дена од почетокот на симптомите. Лековите на двете компании се наменети за лица постари од 65 години, или за случаите со тешка клиничка слика и медицински состојби што ги ставаат под голем ризик од коронавирусот.

– Мислам дека овие нови антивирусни лекови ќе го променат начинот на кој се третира заболувањето со ковид-19. Тие ќе помогнат да се намали оптоварувањето на болниците и бројот на починати лица од болеста – вели д-р Дејвид Дауди, професор по епидемиологија на Школата за јавно здравје „Џон Хопкинс Блумберг“.

Американската влада првично планирала да набави 1,7 милиони третмани од лекот на „Фајзер“, со опција за дополнителна набавка на 3,3 милиони третмани, што би ги чинело околу 700 долари по третман. Но, според договорот за десет милиони третмани, цената се очекува да биде значително помала, односно околу 180 долари помалку за еден третман.