Претседателот на Бразил, Жаир Болсонаро, го разреши министерот за здравство, Луис Енрике Мандета, и го назначи онкологот Нелсон Теиш, на негово место.
Популарниот министер за здравство Мандета објави дека претседателот Болсонаро го разрешил бидејќи бил целосно незадоволен од неговото справување со коронавирусот.
Болсонаро, кој ги критикуваше мерките за социјална дистанца што ги смета за штетни за економијата на Бразил, во телевизиска изјава рече дека поранешниот министер Мандета кон прашањето за вработеноста, не пристапил како што требало.
Непосредно по објавувањето на разрешувањето, во неколку бразилски градови, жителите удираа по тенџериња и тави изразувајќи несогласување со потегот на Болсонаро.
Новиот министер, онкологот Теиш, не е непознато име и беше прогласен за можен министер во октомври 2018 година, но тогаш беше избран Мандета.
Теиш, како и неговиот претходник, смета дека мерките за изолација се најдобриот начин за да се спречи ширењето на пандемијата.