Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го претстави новиот слоган во неговата кампања за реизбор, само неколку дена откако Израел стави крај на карантинот по успешната вакцинација, пишува „Фајненшл тајмс“.

– Назад кон животот – порача израелскиот премиер, подигајќи ги палците во знак на триумф.

Соочувајќи се со четвртите избори во изминатите две години, премиерот со најдолг стаж на функцијата во Израел (пет мандати досега) се надева дека успехот во најбрзата светска кампања за вакцинација ќе му донесе и добар изборен резултат.

– Неговите напори за снабдување на вакцините за Израел беа поттикнати од идејата дека ќе биде награден на изборите ако добие доволно вакцини – вели Рони римон, политичкиот стратег кој ја предводеше изборната кампања на Нетанјаху во 2009 година.

Политичката иднина на Нетанјаху е загрозена од судењето за корупција, како и од политичките ривали. Тој ги отфрли обвиненијата за корупција и измама, тврдејќи дека се политички мотивирани.

Вкупно 4,3 милиони од седум милиони возрасни државјани на Израел се потполно вакцинирани, додека уште еден милион чека на втората доза од вакцината. А економијата на Израел е потполно отворена. Згора, Израел го донира вишокот на вакцини кои нема да ги искористи. Останува да се види дали успешно спроведената вакцинација ќе му донесе победа на Нетанјаху на изборите кои ќе се одржат следната недела.