Глобализациските процеси до својата преткорона-фаза создадоа преголема зависност од индустриските производи и компоненти увезени од посиромашните земји. Со тоа, сѐ уште се продлабочуваше и се зајакнуваше позицијата на посилните, а се слабееше позицијата на неразвиените или на земјите во развој, во глобалниот нерамноправен натпревар. До преткорона-фазата, во глобализацијата работните места се извезуваа таму каде што беше евтина работната сила, но сега започна спротивен процес на враќање на производствените работни места назад во САД и во Европа. Дали започна процесот на деглобализација?

Глобален општествен феномен предизвикан од ковид-19

Додека во светот трае активната и секојдневна борба за спасување на секој живот во војната со коронавирусот, со несмален интензитет се прават анализи и проекции за новото позиционирање на моќта на големите сили, по завршувањето на корона-војната. На сите им е јасно дека по излегувањето од изолацијата, нѐ очекува нешто ново, нешто изменето, нов светски распоред на силите, нешто ново во глобалното општество…

Анализи, синтези, тези и антитези

Во многу политички, економски геостратегиски анализи за новиот тек на глобалните политички процеси навистина е нагласено дека во светлината на глобалната здравствена криза, предизвикана од пандемијата на коронавирусот, веќе јасно се оцртуваат контурите на новата голема геоекономска и геополитичка слика. Се издвојува тезата дека се раѓа биполарен свет, што гравитира околу два анипода: САД и Кина. Имено, се подвлекува тоа дека здравствената криза не ја направи јасно видлива само смената на геополитичките епохи и позиционирање на две суперсили на врвот на глобалната моќ, туку и директно влијаеше на забрзување на од порано започнатите глобални репозиционирања во борбата за светските ресурси и трансформација на либералниот поредок.

Новата голема игра ја придвижуваат процеси на трансформација на либералниот поредок, сега во насока на деглобализација, значи во сосема спротивна насока од сегашните доминантни процеси на глобализација. Целиот процес на деглобализација, во кој светот влегува токму во време на распламтена пандемиска криза (случајно, или можеби сепак, не), се одвива паралелно со тежнеењата на многу држави или државни интеграции за изградба на свои империјални структури, или обнова на некогашните царства во форма приспособена на сегашниот историски момент. Во една анализа на „Геополитика“ се оди дури чекор натаму и низ историска призма тие ги препознаваат „руската, британската и турската политика, кои речиси отворено се потпираат на ’сенките‘ на своите некогашни царства“. Но, исто така, додаваат дека ниту француската геополитичка доктрина никогаш не се откажала од контролата на бившите супсахарски африкански колонии, преку т.н. систем „Франсафрик“.

Отстранување на последиците на неолибералната агенда

Во анализата на сајтот „Геополитика“ се изнесува уверувањето дека глобализацијата си го одработи своето и оти во новата голема игра на биполарниот свет, сега е потребно да се отстранат натрупаните последици на неолибералната агенда, која ја намалува моќта на државите и го ослабнува надворешниот настап на клучните актери на геополитичката игра. Во целта на обновата на моќта на старите глобални актери и зајакнување на моќта на новите претенденти, како што е Европската Унија, во борба за позиции на глобалното светско влијание, потребно е повторно враќање назад на квалитетните работни места (пред сѐ во индустрискиот сектор) кај матичното население. За стекнување нова моќ и слабеење на противникот (како што Западот ја смета Кина), потребно е да се создадат нови правци за снабдување на индустриските комплекси и да се исечат врските со азискиот дел на новата голема игра. Поедноставно кажано, додека во фазата на глобализацијата работните места се извезуваа таму каде што е евтина работната сила, сега се одвива спротивен процес на враќање на производствените работни места назад во САД и во Европа.

Глобализациските процеси во својата завршна фаза создадоа преголема зависност од индустриските производи и компоненти (увезени на пр. од Кина,) со што се зајакнуваше позицијата на мултинационалните компании и нивните матични држави, а се слабееше позицијата на послабите земји во глобалниот натпревар.
Во таа голема смена на геополитичките епохи, моќта не се концентрира само околу доминантните САД и Кина, туку се расподелува на два моќни блока, кои се собираат околу водечките глобални играчи, со што се создава блоковска поделба на светот. Наместо некогашниот западен демократски и комунистичкиот блок предводен од СССР, се создаваат два нови блока околу САД и Кина, мотивирани пред сѐ од економските придобивки и контролата на светските богатства, речиси без никакви поважни идеолошки одредници во практичното дејствување.

Повторно комунисти против капиталисти?

Но американската политика во натпреварот со Пекинг, сѐ почесто во настапите на водечките политичари, го нагласува комунистичкиот карактер на кинеските власти, иако во изминатите години тоа не беше чест случај. Тоа е од едноставна потреба на новата голема блоковска игра на шаховската табла на светот повторно да ѝ се даде идеолошки облик.
Динамиката на целиот процес на деглобализација не е толку едноставна, како што изгледа на прв поглед, зашто сите што имаат сила се обидуваат повторно да се репозиционираат на меѓународната сцена и да го прошират своето влијание. Тие се борат во сенката на најмоќните глобални играчи, час под заштита на една, час на друга страна, обидувајќи се да соберат колку што е можно повеќе трошки од големата табла. Во најтешка ситуација се Европа и нејзината Европска Унија, која сѐ повеќе пропаѓа во процепот меѓу двете глобални сили.

Додека САД и Кина (од чии трговски војни злобните јазици коментираат дека се изродија геоекономски и геополитички натпревари што на некој начин и го „родија“ коронавирусот) на крајот ќе имаат најмалку последици врз своите кабасти, но еластични и приспособливи стопанства, улогата на најголема жртва на целиот комплекс случувања би можела да ѝ припадне токму на ЕУ. И до кризата со коронавирусот, европските стратези предупредуваа на опасноста од влегување во теснецот на спротивставените сили како САД и Кина, но сега по напаста на коронавирусот, извесно е дека таквата опасност ќе биде повеќекратно засилена. Плановите на ЕУ, прокламирани од Европската комисија, за создавање глобална Европска Унија за да се влезе во натпреварот за глобална позиција на моќ, и така од самиот почеток беа на стаклени нозе, пред сѐ поради слабата внатрешна кохезија на парадржавната структура на ЕУ, а сега имаат уште помалку шанси за остварување.
Во бурата од заразата со коронавирусот, која ги разорува економиите, САД и Кина дефинитивно ги зацврстија своите позиции и постапки на меѓународната сцена, јасно навестувајќи го новиот биполарен поредок на светот. Тој ќе функционира во атмосфера на сѐ позаострен натпревар на самиот врв, што едноставно значи дека сите други ќе мораат да се приспособуваат на новата парадигма на светот што ќе ја постават тие.

Единствената шанса за одржување на Европската Унија во драматичните нови околности на промена на геополитичките епохи е меѓусебната солидарност внатре во Унијата и солидарноста на моќните членки со економски послабите членки на европската интеграција, особено со оние што се најтешко погодени со здравствената криза. Ако ЕУ во првите клучни мигови на пандемиската криза не им беше од голема помош на загрозените држави-членки, таа сега мора да предводи во решавањето на економските проблеми, кои зад себе ќе остават хаос предизвикан од заразата со ковид-19. Единствен начин за одржување минимална внатрешна кохезија, како и опстанок на самата Европска Унија и одржување на некакво ниво на конкурентност со новите моќници во светскиот поредок, долгорочно гледано, се финансиските трансфери од фондовите на ЕУ за членките на кои тоа им е потребно. Ако ја нема таа дополнителна економска солидарност во сосема извесната економска криза, Европската Унија навистина ќе се најде во амбисот на судирот на новите џинови на блоковскиот свет и нема да има никаква шанса да учествува во натпреварите на светско ниво.

Досега, Советот на Европа, односно шефовите на држави и влади на членките на ЕУ, го поддржаа предлогот на Европската комисија да се издвојат 37 милијарди евра од кохезиските фондови за инвестициска активност во стопанствата на државите-членки, за избегнување на последиците од здравствената и економската криза. Но за цврсто дефинираната и единствена финансиска ЕУ-стратегија за совладување на кризата, која го загрозува и самиот опстанок на ЕУ, сѐ уште не е постигната целосна согласност.