Кинеската писателка Фанг Фанг е цел на напади поради нејзиниот дневник во кој го опишa животот во Вухан за време на почетокот на епидемијата на ковид-19, но вели дека нема да дозволи да биде замолчена, пренесуваат светските медиуми.

– Кога се соочувате со катастрофа, важно е да го искажете своето мислење и да понудите совет – изјави таа неодамна за Би-би-си на кинески, во ретко интервју за странските медиуми, дадено преку електронска пошта.

На крајот на јануари, кога Вухан стана првото место во светот кое беше целосна изолација, многу од 11-те милиони жители на овој град нашле утеха читајќи го онлајн дневниот на Фанг Фанг. Нејзиниот дневник исто така обезбедил редок увид во животот на градот каде што првпат се појави вирусот.

Во дневникот на нејзиниот профил на Веибо, кинескиот еквивалент на Твитер, 65-годишната писателка го опишала животот со своето куче за време на изолацијата, како и реакцијата на кинеските власти во справувањето со вирусот. Отпрвин, реакциите на дневникот биле добри, но подоцна предизвикал силен бран критики од оние кои го сметаа нејзиното дело за непатриотско.

Како дел од приказните објавени во рамки проектот „Би-би-си 100 жени“, Фанг Фанг рекла дека не жали за дневникот и покрај осудите. Таа вели дека го напишала дневникот како дел од процесот што и помогнал да ги „кристализира своите мисли“, како и за да размисли за сè што се случило за време на изолацијата.

Таа опишала како изгледа да се биде изолиран од остатокот од светот, претставувајќи ги колективна болка и тага предизвикани од сведочењето на загуба на животи, како и нејзиниот гнев кон локалните власти за тоа како управувале со кризата.

Отпрвин, нејзиниот дневник на Интернет беше пофален во Кина, а државната кинеската новинска служба ги опишала нејзините објави како инспиративни, „со живописно раскажување, автентични емоции и директен стил“.

Но, реакциите значително се промениле кога дневникот привлече меѓународно внимание, а критиките го достигнале својот врв кога се појавила веста дека нејзиниот дневник ќе биде преведен на англиски и објавен од американскиот издавач „Харпер Колинс“.

– Поради шеесете објави во дневникот што ги напишав за време на пандемијата, властите ме гледаат како непријател – рече таа.

Кинеските медиумски куќи, добиле наредба да не објавуваат ниту еден нејзин напис. И нејзините книги, вклучувајќи нови дела и препечатоци, се повлечени од печатење кај кинески издавачи, како што тврди таа.

– За еден писател, тоа е нешто многу, многу сурово. Можеби тоа е затоа што изразив повеќе сочувство кон обичните луѓе отколку што ги пофалив властите. Не поделив комплименти или пофалби на владата, па затоа автоматски сум виновна – рече Фанг за Би-би-си.

Фанг Фанг вели дека бруталната реакција не била ограничена само на официјална осуда. Таа вели дека добила десетици илјади пораки со навреди, вклучително и смртни закани.

Таа беше прогласена за предавничка на социјалните мрежи, беше обвинета за заговор со Западот за напад врз кинеската држава, а некои дури сугерираа дури дека била платена од американската разузнавачка агенција ЦИА за да го напише дневникот.

Фанг Фанг вели дека била изненадена и збунета од интензитетот на нападот.

– Многу ми е тешко да ја разберам омразата насочена против мене. Моите текстови се објективни и нежни – вели авторката.

Гледајќи како коронавирусот се шири на скоро секој агол на светот, Фанг Фанг вели дека одлуката на Кина да воведе 76-дневна изолација во Вухан била оправдана, став што јасно се гледа во нејзините текстови во дневникот од тоа време.

– Изолацијата беше скапа цена што требаше да ја платиме во замена за сега да можеме слободно да живееме во Вухан без вирусот – вели таа.

Вухан не забележал локални случаи на ковид-19 од април досега.

– Ако тие строги мерки не беа спроведени, ситуацијата во Вухан ќе беше дополнително надвор од контрола. И затоа изразив поддршка за скоро сите мерки за контрола на болеста – смета писателката.

Фанг Фанг вели дека другите земји можат да учат од некои аспекти на кинескиот пристап.

– За време на епидемијата, сите собири беа забранети, сите мораа да носат маски, а за да влезат во станбениот комплекс требаше да ви се прочита здравствениот кју-ар код. Мислам дека сите овие многу добри мерки и помогнаа на Кина да го контролира вирусот – посочува Фанг.

Но, крајниот успех на Кина во спречувањето на вирусот дома, според Фанг, не ја негира потребата да се испита првичниот одговор на владата за епидемијата.

– Немаше детална истрага за причините поради кои беше потребно толку време да се започне со решавање на кризата – вели Фанг Фанг, додавајќи дека целиот свет, а не само Кина, мора да извлече поуки од оваа пандемија.

Професорот Мајкл Бери, кој го преведе дневникот на англиски јазик, верува дека „нејзината отпорност е вкоренета во фактот што таа знае дека ја прави вистинската работа“.

– Таа не е дисидент, не повикува на соборување на владата, таа е единствената што го документирала она што го видела, чувствувала и доживеала за време на изолацијата во Вухан – вели тој.

Во Вухан, секојдневниот живот на Фанг претрпе силен удар во април, кога починало нејзиното 16-годишно куче за време на изолацијата.

Таа продолжува да пишува во надеж дека нејзините дела ќе бидат објавени во нејзината земја и вели дека не жали.

– Дефинитивно нема да направам компромис и нема потреба да молчам – категорична е Фанг.