Светската здравствена организација е многу загрижена за ширењето на ковид-19 во Европа додека континентот се бори со нов бран на заразени, изјави шефот на Канцеларијата на СЗО за Европа, Ханс Клуге.
Клуге предупреди дека до март може да се регистрираат околу 500.000 смртни случаи доколку не се преземат итни мерки. Тој рече дека обврската за носење маски може веднаш да помогне да се забави пандемијата.
Шефот на регионалната канцеларија на СЗО смета дека студеното време, недоволниот удел на вакцинирани лица и доминацијата на се позаразните делта соеви на вирусот се одговорни за епидемиолошката состојба. Тој повика на зголемување на бројот на вакцинирани, спроведување на основните мерки за јавно здравје и нови третмани за борба против ширењето на болеста.
– Ковид-19 повторно стана главна причина за смрт во нашиот регион – рече Клуге, додавајќи дека знаеме што треба да се направи за да се бориме со болеста.
Клуге смета дека обврската за вакцинирање треба да биде последно средство на кое се прибегнува, но дека би било вистинско време за правна и социјална дебата по ова прашање.
– Пред тоа има и други средства, како што се потврдите за ковид-19 – рече тој, оценувајќи дека сертификатите за ковид не претставуваат ограничување на слободите, туку се средство за зачувување на нашата индивидуална слобода.
Австрија стана првата европска земја во петокот што објави дека вакцинацијата против Ковид-19 ќе стане законски задолжителна. Тоа правило треба да стапи на сила во февруари. Во исто време, Австрија, како одговор на рекордното зголемување на инфекцијата и ниската покриеност со вакцинација, воведе карантин за сите жители, откако првично беше на сила само за вакцинираните лица.
И многу други европски земји воведуваат нови мерки, додека бројот на случаи расте. Земјите како Чешка и Словачка воведоа нови ограничувања за жителите кои не биле вакцинирани против ковид-19.
Насилни протести избија во текот на ноќта во Ротердам, Холандија, против владините планови за дополнителни ограничувања и забрана за новогодишен огномет, на што полицијата одговори со пукање врз демонстрантите.
Германскиот министер за здравство Јенс Шпан рече дека Германија е во „вонредна состојба“ и одби да ја исклучи можноста за воведување ново заклучување во земјата.