„Блумберг“ разговараше со единствената странска научничка во лабораторијата во Вухан
Даниела Андерсон работеше во моментно најпознатата светска лабораторија, онаа во Вухан, неколку недели пред појавувањето на првите случаи на ковид-19 во централна Кина. А сепак, австралискиот виролог, сѐ уште се прашува што пропуштила, објавува „Блумберг“ чија новинарка Мишел Феј Кортез разговараше со Андерсон.
Експертката за вирусите кои потекнуваат од лилјаците, Андерсон е единствената странска научничка која учествуваше во истражувањата во лабораторијата „БСЛ-4“ во Институтот за вирологија во Вухан, првата од ваков вид во Кина, оспособена за справување со најсмртоносните патогени. Нејзиниот последен престој во лабораторијата заврши во ноември 2019 година, со што таа има увид за местото кое се смета за средиште во истражувањето на причините за пандемијата.
Во разговорот за „Блумберг“ Андерсон сподели детали за работата во лабораторијата. Таа додава дека полувистините и „искривените“ информации прикажале погрешна слика за активностите на лабораторијата кои биле повеќе рутински во однос на опишаното во медиумите.
– Не беше здодевно, но тоа беше вообичаена лабораторија што работеше на истиот начин како и секоја друга лабораторија која истражува високозаразни болести. Она што луѓето го зборат не ја претставува вистинската состојба – тврди Андерсон, додавајќи дека работата во Вухан на истражувањето на вирусот Ебола претставувала реализација на нејзината кариерна цел.
Како единствената странска научничка во лабораторијата, Андерсон вели дека останатите колеги покажале грижа кон неа.
– Одевме на вечери и ручеци заедно, се гледавме и надвор од лабораторијата – вели Австралијката која била импресионирана со условите во лабораторијата.
Таа вели дека при обемниот приемен процес од научниците се барала демонстрација на познавањето на процедурите за спречување на ширење на заразите, како и на способноста за носење на заштитните одела. Андерсон додава и дека влезот и излезот од лабораторијата претставувале своевидна кореографија за кои биле потребни низа внимателно испланирани чекори. Научничката посочува дека прописите се задолжителни за сите лаборатории од видот „БСЛ-4“ и покрај тоа што забележала одредени разлики во однос на сличните установи во кои работела низ Европа и во Австралија.
Андерсон нагласува и дека никој од вработените во институтот во Вухан не бил заболен кон крајот на 2019 година. Згора, посочува оти постои процедура за пријавување на симптомите вообичаени за патегоните со кои работат во лабораторијата.
– Ако луѓето беа заболени, претпоставувам дека и јас ќе заболев, а тоа не се случи. Бев тестирана за коронавирус во Сингапур пред да се вакцинирам. И беше воспоставено дека не сум била заболена од коронавирус – објаснува Андерсон.
Австралиската научничка вели дека не е доволно наивна за потполно да ја отфрли можноста за ширење на ковид-19 од лабораторијата во Вухан, но оти сепак верува дека вирусот потекнува од природен извор. Таа додава и дека работата на создавањето на вирус во лабораториски услови за научни потреби бара бројни дозволи и оти таквото истражување е стриктно ограничено, со што не постојат докази дека вирусот избил на тој начин.
Андерсон е уверена и дека ниту еден вирус не е намерно создаден или испуштен со цел да ги зарази луѓето, што претставува една од вознемирувачките теории што се појавија. Таа сепак, смета дека е потребна истрага за точно да се открие потеклото на вирусот, а и самата беше дел од меѓународнио тим задолжен за проучување на потеклото на ковид-19.
– Пандемијата е нешто што никој не можеше да го замисли во овие размери. Вирусот се најде на право место во право време и сѐ се поклопи за создавање на оваа катастрофа – заклучува Андерсон која сега работи во Сингапур.