Австралиските политичари добиваат низа грозоморни смртни закани и навреди од малата група поборници на движењето против вакцинацијата, кои го насочија гневот кон функционерите што ја поддржуваат имунизацијата против ковид-19, пишува „Вашингтон пост“.
Еден лидер на сојузна австралиска држава добил закана за обезглавување поради ставот за вакцинацијата, макетата со ликот на друг била поставена на бесилка, а законодавецот што ја бранел вакцинацијата се соочил со бараж на навреди. Одредени австралиски политичари се пожалиле и дека добиле илјадници мејлови и бројни анонимни телефонски повици во кои ги навредувале.
Експертката за насилен екстремизам од Универзитетот Дикин, Сара Гросман, посочува дека дел од заканите, како оние со импровизирани бесилки потсетуваат на упадот во американскиот Конгрес од јануари.
– Ова едноставно делува увезено од Америка – смета Гросман.
Во Австралија веќе имаше апсења поради заканите врз политичарите, со што се јавува мислењето дека ваквите инциденти се одраз на зголемената поделба во јавноста. Две лица беа приведени откако се заканувале дека ќе го обезглават премиерот на Западна Австралија Марк Мекгован.
– Вакви нешта прават исламските фундаменталисти. Тоа не е австралискиот начин – кажа Мекгован кој размислува да се пресели поради бројните закани.
Речиси 90 отсто од Австралијците се вакцинирани, а секојдневниот живот се врати во нормала по укинувањето на рестрикциите, но антиваксерите и натаму протестираат, со што дел од демонстрациите станаа и насилни.
– На почетокот на пандемијата имаше чувство дека нацијата се сплотува за заеднички да се соочи со општата цел. Сега тоа исчезна – вели Гросман.
Политичарите исто така меѓусебно се напаѓаат во врска со нивните одговори за справување со епидемиолошката состојба, откако дополнителни тензии создадоа и повеќемесечните карантини и појавата на делта-видот.