Малата европска држава што сега ќе стане позната како Северна Македонија, веројатно не делува како значителен додаток за НАТО, но таа затвора празнина во регионот што порано беше познат како „заден двор на Советскиот Сојуз“, во време кога тензиите помеѓу Истокот и Западот се зголемуваат, пишува „Њујорк тајмс“.

Приемот на Северна Македонија значи дека НАТО наскоро ќе има 30 членки, сите посветени на колективната одбрана на Алијансата. Тоа е двојно повеќе од членството на НАТО во 1991 година, кога многумина познавачи на состојбата сметаа дека Алијансата ќе се распадне со колапсот на Советскиот Сојуз и Варшавскиот пакт.

– Членството во НАТО е толку важно за Македонија, што таа се согласи да го смени името, по години на преговори со Грција, која исто така е членка на НАТО. До промената на името, Грција ставаше вето на приемот на Македонија, на незадоволство на останатите членки во Алијансата – пишува „Њујорк тајмс“.

Додека НАТО е горд на проширувањето, членките се претпазливи поради гневот на американскиот претседател Доналд Трамп, поради неговата практика за своевидно попречување на постапките на НАТО со излагањата за неуспесите на членките, како што беше случајот во јули минатата година. 

Дополнителна загриженост за поддржувачите на НАТО предизвикуваат и изјавите на Трамп, кој јавно негодуваше дека членките на воениот сојуз не трошат доволно на одбрана. Тој ја нарече Алијансата „непотребна“ и се закани со повлекување на САД. Згора, американскиот лидер се грижи оти малите држави во проблематични региони би можеле да ги вовлечат САД во војна, под т.н. член пет, според кој нападот врз една членка на НАТО, е напад врз сите членки. Стравовите на Трамп за активирање на членот пет не исчезнале, и покрај поддршката на неговата администрација за македонскиот пат кон НАТО.

– Кога се спомнува членот пет, во прашање се доведува државната безбедност на секоја членка, како и дали НАТО треба да има 10, 30 или 50 членки – вели Тори Тосиг, од институтот „Брукингс“ во Берлин. 

Американските политички аналитичари тврдат дека приемот на Македонија претставува неуспех за рускиот претседател Владимир Путин, кој го смета НАТО за експанзионистичка воена сила на прагот на неговата држава. Додека Русија отворено работи на враќање на влијанието во сферата на поранешниот СССР, НАТО претставува атрактивен клуб за Северна Македонија.

– Обидите на Русија за создавање раздор во Алијансата се евидентни на Балканот, каде што го наметнуваше своето влијание во поранешна Југославија, од која дел беа двете најнови членки на НАТО (се мисли на Црна Гора и на Македонија – н.з.) – се наведува во анализата на американскиот весник.

НАТО ќе ја одбележи 70-годишнината од постоењето во април, што вообичаено би било проследено со самит на сите НАТО-лидери во Вашингтон. Тоа нема да биде случај годинава, туку ќе има средба на министрите за надворешни работи.