Најнапред да се послужам со една сликовита метафора. Таа гласи: Зоран Заев го доведе македонскиот народ до работ на пропаста. Димитар Ковачевски ќе направи историски чекор напред.
Да ми кажуваше некој пред 20- 30 години дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ќе падне на најниски национални гранки ќе мислев дека човекот нема поим од политика. Да ми кажуваше некој дека СДСМ нема да биде партија што ќе ги шити интересите на македонскиот народ и внатре во Македонија и надвор од неа, во меѓународни рамки, ќе сметав дека ме провоцира и дека зборува глупости.
Денес се потврдува дека тие што го говореле тоа биле во право, а јас сум бил во заблуда. Иако не можам да поверувам што навистина се случува.
Мала рероспектива ќе покаже дека Социјалдемократскиот сојуз, од времето на Бучковски до денешното на Ковачевски е во постојан идеолошки, политички и демократски пад. Сепак, центарот го држи Зоран Заев кој со договорите со Грција и Бугарија македонското прашање го врати 100 години на назад. Ја отвори Пандорината кутија во која Македонците ја губат и последната надеж за нивното опстојување во сопствената земја.
Всушност Заев и компанија во односите со Бугарија не понудија ништо ново и оригинално. Тие ја прекопираа идеологијата и ги остваруваат намерите на ВМРО – ДПМНЕ од времето на Љупчо Георгиевски. Георгиевски, при жив Бранко Црвенковски, стана главниот идеолог на СДСМ која ја спроведува неговата програма.
Ова што денес го пишува во наводниот француски предлог, она што е бистро и чисто напишано во билатералните протоколи Георгиевски го пишуваше пред триесетина години.
Пишуваше дека македонската историја е фалсификувана, дека сите македонски преродбеници и револуционери биле Бугари, дека Бугарите во Македонија биле обесправени и малтретирани. Она што пред триесет години го говореше Љупчо, во неславното интервју за бугарската агенција БГНЕС го рецитираше Заев. Од збор до збор, само со поинакви, посмирени формулации. Ако кај Георгиевски преовладуваше атимакедонски оган, кај Заев антимакедонизмот стана намера.
Овој однос може да се оцени како најголемата пресвртница во кратката повеќепартиска политичка историја во Македонија. Еден бивш претседател на ВМРО –ДПМНЕ да стане главниот идеолог на СДСМ. Георгиевски навистина се покажа како визионер, а Заев и Ковачевски како реализатори на неговите визии.
Социјалдемократскиот сојуз под превезот за членство во Европската Унија ги запостави интересите на сопственото членство, на сопствениот народ. Пет години се служи со лаги за јазикот, за историјата, за идентитетот. И сите тие суштински национални прашања ги доведе до работ на пропаста што се заканува.
Виткајки ја кичмата пред Грците, пред Бугарите и пред Албанците, однесувајки се вазалски и подданички кон нив, драстично придонесе да се стесни политичкиот простор на Македонците, тие да ја губат својата идентитетска сигурност.
СДСМ не се покажува, ниту пак се труди да се прикаже како достоен застапник на оние граѓани што се Македонци по род, по национална припадност и по чувство. А изгледа дека такви нема веќе ни во самата партија. Да имаше ќе се покажеа, ќе проговореа за изгазеното национално достоинство. Ќе се јавеше некој, ќе пропееше некој петел што кукурика надвор од хорот.
СДСМ и во овие пригоди си ја потврди одамна констатираната идентитетската поставка на партијата. Тој партиски идентитет го сочинуваат сончогледи, вртикапи, полтрони и анационално настроени раководители и членови. Многу интернационалисти, малку македонисти. Ако ги имаше повеќе сигурно ќе дигнеа глас да престанат понижувањата, навредите и говорот на омраза што го шират Бугарите во Бугарија и антимакедонистите во Македонија.
Социјалдемократскиот сојуз ја процесуира, ја имплементира главната парола, со низа лаги го исфорсира стожерниот негов став. Кога сѐ ќе се земе во обѕир тој став гласи: За СДСМ Бугарите за сите нивни барања се во право, Македонците во својата одбрана се во криво.
Во еден период од својата историја партијата го истакнуваше слоганот „Предавство е да се молчи“. Се сеќава ли некој од нивните редови на таа потреба?
Не велам дека партијата од некогашна национална надеж се претвори во национален очај, но кој и да го каже тоа, нема да згреши.