Цунами од емоции, горчливи солзи, но и отворени бурни овации на задоволство и насмевки бликнаа од многубројната публика која присуствуваше на проекцијата на уште незавршениот документарен филм на режисерката Јасмила Жбаниќ на предфестивалската проекција. Филмот е за Емерик Блум, поранешниот директор на „Енергоинвест“ и поранешен градоначалник на Сараево
Од Сараево, за „Нова Македонија“
Екатерина Лазаревска
Александра Лашкова
Вчера, еден ден пред официјалното отворање на Сараевскиот филмски фестивал (СФФ) се оддржа специјална предфестивалска проекција на работната верзија на филмот за Емерик Блум, поранешниот директор на „Енергоинвест“ и градоначалник на Сараево. Режисерка на документарниот филм е Јасмила Жбаниќ.
Цунами од емоции, горчливи солзи, но и отворени овации на задоволство и насмевки, бликнаа од многубројната публика на проекцијата на сè уште незавршениот документарен филм на Жбаниќ.
Според зборовите на режисерката Жбаниќ, кажани на предфестивалска проекција, таа и продукцијата „Деблокада“ биле „трагачите по возбуди“ низ филмските архиви, фотографии и сведоштва за луѓе кои „влијаеле на општеството, единствено работејќи си ја одговорно и посветено својата работа“! А според неа, Емерик Блум е феноменален пример за тоа!
Присутните бројни гледачи на големата проекција на отворено беа фасцинирани од идејата дека гледаат филм кој уште не е завршен, а од нив се бара активно да се вклучат во завршувањето до премиерата која е планирана токму за наредната седмица, во рамките на 28. издание на СФФ.
Режисерката Жбаниќ за медиумите објасни за идејата и темата на документарниот филм. Имено, филмот се осврнува на ликот и делото на поранешниот градоначалник на Сараево (од 1981 до 1983 година) и основач на сараевскиот гигант „Енергоинвест“, Емерик Блум. Филмот сведочи за еден визионер, докажан антифашист и голем Босанец.
Во Босна и Херцеговина разурната од војна, токму Блум претвори мала канцеларија со неколку вработени во успешна глобална компанија „Енергоинвест“, која ги водеше Босна и Херцеговина и цела Југославија напред, до незамисливи успеси и просперитет.
– Станува збор за Емерик кој бил гениј, а и за неговите соработници. Во филмот има работи кои денес личат на научна фантастика. Пред сè, Емерик се грижеше за луѓето, за човекот. „Енергоинвест“ имаше свои клиники, одморалишта, за да може луѓето да се зближат, а тоа денес не можеме да го слушнеме. Тој секогаш ги поттикнуваше студентите да студираат во странство, по што, да се вратат назад и да работат во и за својата земја. Би сакала младите да го гледаат филмот, да видат дека имало поинаква Босна и Херцеговина – изјави Жбаниќ.
За создавањето на филмот режисерката рече дека успеале да најдат материјали од разни архиви. Сепак, таа ги повика граѓаните кои беа толку приврзани за „Енергоинвест“ и сигурно имаат уште повеќе материјал, да учествуваат во довршување на филмот. Со тоа, режисерката направи еден несекојдневен и симпатичен повик и до граѓаните не само на Босна, туку и од целиот регион, со интенција активно да ги инволвира во правењето и довршувањето на документарецот. Целта би била, на премиерата, филмот да биде претставен како креација на голем број граѓани од БиХ и од регионот, заеднички да пратат една универзална порака до целиот свет, за соработка, креативност, посветеност и сето тоа во насока на сеопшт просперитет и благосостојба.