Горан Ѓоргоноски

ГРК Охрид и РК Алкалоид со убедливи победи ја стартуваа европската ракометна сезона

Македонија има убава можност да продолжи понатаму, во ракометна Европа, со четири претставници во машка и еден во женска конкуренција. Бројка на кој можат да и позавидат и многу поразвиени земји, бројка за респект… Ете го тој порив кај мене, да се глорифицира се што е Македонско, по малку и да се претерува, во период кога ракометот е повторно светла точка во „натпревар на народите“ и во ситуација кога со години и децении не гледаме дека се случува нешто убаво и квалитетно

Анализа на Горан Ѓоргоноски за „Нова Македонија“

Победнички викенд на македонските ракометни претставници во Европа. Во исто време, на две ракометни локации, екипи, кај кои клубските бои даваат доверба, сигурност и сила, направија позитивен резултат по првите натпревари од Европскиот куп на ЕХФ. За жал, во склоп на околности, слично како во вторникот, кога Вардар беше поразен во Германија, македонската јавност (барем онаа која не беше во „Билјанини“ и во „Автокоманда“), особено децата, оние најмладите, останаа без директни преноси од натпреварите. Ситуација, која (ќе) има далекусежни последици во однос на присутност на македонски екипи на ТВ (преку глава ние од Манчерстер, Јувентус и Реал), подигање на интересот за ракометот како спорт и создавање на спортски идоли кај најмалата генерација Македонци, од кои дел треба да влезат во сала и во иднина да го носат дресот со националните обележја.

Нејсе..

ЛАЗАРОВ КАКО НОСТРАДАМУС, ВО УЛОГА НА ПАТАЛЕЦ, ГО ПРЕДВИДИ ТЕКОТ НА НАТПРЕВАРОТ

Да почнеме од натпреварот кој го следев во живо, во Скопска Автокоманда. Тргнав „со време“, за да избегнам гужва при паркирање и влез во салата, ама и да го посетам Џеко (кој одамна не е резидент во слаткарата на „дијаманатот“), како редовна „терапија“ пред секој важен натпревар на Мета..Алкалоид во Автокоманда. На мое изненадување, населбата го немаше тој набој и раздвиженост, како тоа што беше пред месец дена против „двократниот“ или како што (веројатно) ќе биде во вторник против Битолчани. Можеби и очекувано, кога ќе размисли човек. Калипеда Драгунас од Литванија е тотална непознаница, екипа која ја „прежали“ ракометната јавност, однапред ја осуди на неуспех во двобојот со нашиот Алкалоид. Гледајќи го конечниот реузлтат, човек ќе помисли и дека не е далеку од вистината, но впечатокот за противникот е различен доколку сте го следеле натпреварот.

„Литванците не се нималку наивен противник, екипа која донесе стручњак од земјата која момнетално владее со светскиот ракомет, ситем кој преферира брз ракомет, со играчи кои играат на гол повеќе, очкувам тежок дуел, особено што јавноста веќе не виде во следната рунда и очекувам моите играчи на стратот на мечот да бидат во грч и нема да не го прикажат тоа што се очекува од нив и од нас како колектив. Јавноста ќе види за око убав натпревар со многу погодоци“ – како парафраза на излагањето на Лазаров на прес-конференција пред мечот, во улога на Ностадамус, кој „не гледа на гравче“ туку како паталец, со стотици натпревари во рацете, кристално јасно ја отслика ситуацијата.

БРЗА ИГРА, МНОГУ ПОГОДОЦИ ОД ТРАНЗИЦИЈА, ПОДОЛГА „КЛУПА“ НА ДОМАЌИНОТ

Дури 73 погодоци, брза игра, транзиција и игра на погодок повеќе. Така изгледаше синоќешниот натпревар на две екипи, кои, без разлика на резултатот, гледаа напред и се обидуваа да постигнат што е можно повеќе „лесни“ погодоци.

Двајцата тренери стартуваа со дијаметрално различни одбранбени формации. Лазаров, стандардно, со зона 6-0 и еден од „милениците“ во истата на чуствителна позиција, како „рак рана“ и проблем во најава на стартот на натпреварот. Неговиот колега на другата страна, со длабока 3-2-1, како изненадување на одреден период, како дестабилизација, знаејќи дека тимот од млади играчи во улога на домаќин е најчуствителен на самиот старт. Тргајќи ги голманите настрана, имајќи предвид дека и двајцата имаа добар страт, во првите 10-12 минути „змајевите“ играа егал, па дури и на два три пати го диктираа резулататот и натпреварот. Сето тоа поради успешноста на зоната на противникот (која Лазаров ја разбиваше со влез на десен бек на втор пивот), која единствено „пукаше“ кај високиот Стојковиќ и генерално примаше голови од брз центар или директна контра каде реализираше Бинго, па и Костески. На другата страна, плитка 6-0 во која искусниот стружанец „паѓаше“ на неколку наврати и оставаше простор за создавање играч повеќе на крило или пивот. Се до 19-та минута, кога клупата го замени истиот со младиот Карасманакис, како партнер на, во саботата одбранбено солидниот Младеновиќ. Покрај оваа измена, Лазаров исклучително многу ротираше, внесуваше „свежа крв“ во екипата, која наметна, но и како одговор доби ритам на натпревар, на врвно ниво. Ритам кој гостите не го издржаа, почнаа да правта технички грешки, но и се потешко реализираа шутеви „од надвор“.

Фото: РК Алкалоид

АЛКАЛОИД, СО ОГРОМНА РОТАЦИЈА И ВИСОК РИТАМ, ЌЕ БИДЕ РАВЕНКА СО ДОСТА НЕПОЗНАТИ ЗА СЕКОЈ СЛЕДЕН ПРОТИВНИК

Алкалоид со Галец на голот, кој одбрани многу тешки удари, но и „прими“ голови кои не требаше, со преодна отцена, постави плитка и висока 6-0 зона, која имаше проблеми со „цртата“ на средината на зоната. Доминираше во дуел играта, особено во вториот дел, кога притивникот изгуби здив. Смени тактика на длабоката зона на противникот, и наместо играч „на втор“ напаѓаше простор и трпеливо чекаше да се создаде „дупка“ во зоната. Демострираше исклучително високо ниво на „run and gun“ игра, користејќи, небаре, комплетен ростер од играчи, ниво на игра кое во иднина ретко кој ќе може да го следи.

Фото: ГРК Охрид / А. Момироска

Благодарение на тимската игра, во која тешко може да се издвои поединец (освен ако не следите површно ракомет и гледате статистика), Алкалоид (ќе) претставува „тврд орев“ за било кој во иднина, и равенка со доста непознати за тренерите кои ќе треба да состават против игра. Клаипеда се прикажа во добро светло, и беше достоен противник, но според мене, ја погреши екипата со кој сакаше да се наттрчува, и со „оружје“ на Алкалоид, да дојде до позитивен резултат во Македонија. Сега е веќе доцна за „стапнување на топка“ и игра која ќе ги нервира „сините“ од Автокоманда, имајќи предвид дека треба да се брка двоцифрена разлика. На здравје!

РАКОМЕТЕН ОХРИД „ОТИДЕ“ СКАЛИЛО ПОГОРЕ, ОД СЕКОЈ АСПЕКТ

Ракометен Охрид, на чело со „таткото на Градот“, врз основа на она што го видовме дигитално изминатите денови, организациски „порасна“, како природен сплет на работите, кога една екипа учествува во натпреварување во Европа. „Билјанини“ светна, Охриѓани имаа можност да видат на терен (а и на трибина) кој го помага клубот и кој „донесе“ европски ракомет во градот со скромна ракометна традиција. Должно за почит и за признание. Спортски немавме можност да видиме што се случувало на терен, но го следевме резултатот, кој покажуваше дека Охрид диктира темпо, константно води и од минута во минута ја зголемува разликата, пред реваншот во Романија. „Стариот“ најавува надигрување и победа и на вториопт натпревар, свесен дека +6 не е разлика што треба треба да се „брани“ во ракометот. Тоа многу пати се покажало погрешно.

Среќно и со успех на двата тима на реваншите во Романија и Литванија.

Македонија има убава можност да продолжи понатаму, во ракометна Европа, со четири претставници во машка и еден во женска конкуренција. Бројка на кој можат да и позавидат и многу поразвиени земји, бројка за респект.

.

.

Ете го тој порив кај мене, да се глорифицира се што е Македонско, по малку и да се претерува, во период кога ракометот е повторно светла точка во „натпревар на народите“ и во ситуација кога со години и децении не гледаме дека се случува нешто убаво и квалитетно околу нас.

п.с. Веќе утре шампионот доаѓа во Автокоманда. Да го „спушти на земја“ тимот на Кралот или да најави нова ера во Македонскиот ракомет.

Ќе видиме 😊

Авторот е поранешен македонски репрезентативец и основач на проектот Ракомет за секоe дете