Фото: ЕПА

Иранскиот претседател Ебрахим Раиси, кој минатиот викенд загина во хеликоптерска несреќа, денеска ќе биде погребан во неговиот роден град Машхад.

Раиси треба да биде погребан во градскиот храм на имамот Реза, осмиот имам на шиитскиот ислам.

Се очекува да присуствуваат високи претставници на пријателски држави, меѓу кои и претседателот на рускиот парламент Вјачеслав Володин – пренесе ДПА.

Иранската државна железничка компанија организираше специјални возови за превоз на оние кои сакаат да присуствуваат на погребот од Техеран до североисточниот град.

Досега имаше неколку церемонии и јавно изразување на жалост за Раиси, покојниот министер за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан и другите жртви во несреќата. Милиони луѓе вчера се собраа на погребната поворка во Техеран.