Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев ќе побара ново заострување на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот. Тој извести дека по првата ноќ со полициски час генерално во Македонија се почитувале мерките за ограничено движење на граѓаните.

– На координативен штаб утрово во Министерството за внатрешни работи донесовме одлука за заострување на мерките. Доколку бидат усвоени од Владата и се донесат, јавноста ќе биде информирана – рече министерот Чулев.

Тој извести дека биле уапсени 18 лица кои не ја почитувале забраната за движење во периодот од 21 до 06 часот утрово.

– Две лица освен што не ја почитувале забраната за движење во себе имале и оружје. За прекршителите на мерките поднесени се 9 кривични пријави по член 206 од Кривичниот законик. МВР презема активности за утврдување елементи за кривична пријава и за останатите сторители. Доколку се утврди сторената активност е прекршок, а не кривично дело, ќе бидат поднесени прекршочни пријави – рече министерот Чулев.

Полицијата контролира 618 лица со решенија за здравствен надзор и 7.307 лица со решенија за самоизолација, извести министерот Чулев. Извршени биле 322 контроли за изолација и 3.300 контроли за самоизолација. Полицијата утврдила дека 22 лица не ја почитувале мерката за изолација.

– Имаме лице кое имало решение за здравствен надзор, не ја почитувало одлуката и покрај поднесената кривична пријава, и е однесено во државен карантин – рече министерот Чулев.