Пред почетокот на жетвата, земјоделски здруженија побараа поголема заштита на домашното производство на пченица преку зголемување на откупната цена и воведување задолжителен откуп од државните резерви. Од домашните преработувачи и мелничари се нуди откупна цена од осум до десет денари за килограм домашна пченица, која е пониска од производната цена на земјоделците
Намален годинашниот род на пченицата за половина
Годинашниве приноси од површините со пченица на македонските ниви се преполовени во однос на минатата година. Намалувањето на ожнеаното лебно жито на некои површини е и до шеесет отсто, што ќе се одрази и на рентабилноста на работењето, предупредуваат македонските земјоделци.
Три главни причини за длабока разочараност на земјоделците
Поради ниските приноси, високите производни трошоци и ниските откупни цени, се доведува во прашање опстанокот на индивидуалните фармери, кои планираат и намалување на засеаните површини со пченицата. Причина за намаленото производство на пченицата се обилните врнежи, кои проследени со град и ветар ги оштетија посевите. Но влијание имаше и недоволната примена на агротехнички мерки, поради превисоките цени на ѓубривата и хемиските препарати, кои беа прескапи за македонските фармери.
Пред почетокот на жетвата, земјоделски здруженија побараа поголема заштита на домашното производство на пченица, преку зголемување на откупната цена и воведување задолжителен откуп од државните резерви. Од домашните преработувачи и мелничари се нуди откупна цена од осум до десет денари за килограм домашна пченица, која е пониска од производната цена на земјоделците.
– Производната цена на пченицата, која ја проценија и од Институтот за земјоделство, изнесува 19 денари за килограм пченица. Ако не се преземе нешто, македонското земјоделство ќе се најде во колапс. Владата се одлучи да откупи 15.000 тони и тоа е капка во море, кога домашното просечно годишно производство е над 200 илјади тони пченица – велат земјоделците.
Какви чекори ќе преземе Министерството за земјоделство
Од Министерството за земјоделство не спомнаа колку ќе биде откупната цена. Се зборува за субвенции од три денари, но не е извесно кога ќе се изврши откупот за домашните резерви – велат од Националната земјоделска мрежа.
Во незавидна состојба околу откупот на годинашниот род на житото се и индивидуалните производители на јачмен. Многу од нив имаат сѐ уште резерви од минатогодишната реколта, која не им беше откупена од домашните компании и преработувачи. Поради ветувањата од Министерството за земјоделство за посигурен пласман, многу од македонските земјоделци годинава ги зголемија површините засеани со јачмен.
– Годинава ожнеав 150 тони јачмен и не знам што ќе биде со пласманот. Од откупувачите се нуди цена од девет и осум денари за килограм, што не е доволно да ги покриеме трошоците за производство. Принудени сме да им го продаваме во мали количества на индивидуални сточари, но и тие се сѐ помалку. Субвенциите што ни се ветуваат се однесуваат на предаден јачмен или жито на откупни центри, но тие нудат ниска откупна цена. Така, излегува дека субвенциите им се даваат на откупувачите, а не на земјоделците. Има земјоделци што имаат резерви на пченица и на јачмен од минатата година. А сега доаѓа новата жетва и немаат каде да ги складираат новите количества. Без организиран откуп и финансиска помош од државата, многу земјоделци размислуваат да се откажат од земјоделството. Оставени сме сами на себе. Не можеме да најдеме ни слободен работник што ќе сака да работи во земјоделството. Работниците бараат повисоки дневници, но ние поради ниските откупни цени не можеме да ги плаќаме – ни изјави Стефан Стојчев, млад земјоделец од Сопот, Кавадаречко.
Од Министерството за земјоделство и шумарство на барањата на земјоделците одговорија со дополнителна субвенција од три денари за предаден килограм пченица кај регистрирани откупувачи во период до 31 август 2023 година. За јачменот се предвидува исплата од 12.000 денари по хектар.
Апел до Европската комисија годинава да биде флексибилна во спроведувањето на земјоделските политики
Европските земјоделци посочуваат дека состојбата во производството на жито е крајно загрижувачка. Поради тешката ситуација во земјоделството, од Здружението на европските земјоделци предупредија дека лошите временски услови низ ЕУ негативно се одразиле на годинашното производство на жито, а во комбинација со други нарушувања на пазарот, тоа ќе доведе до огромен пад на профитабилноста на речиси сите европски производители. Затоа ја повикаа Европската комисија годинава да биде флексибилна во спроведувањето на земјоделските политики, за да не се доведе во прашање пристапот на земјоделците до основната поддршка. Со очекуваното производство од 256 милиони тони, тоа најверојатно ќе биде најлошата жетва од 2007 година, бидејќи сегашните процени покажуваат дека производството е 10 отсто под просекот во последните пет години. М.Ј.