Стопанската комора и Советот на странски инвеститори за Законот за данок на солидарност:

Стопанската комора на Македонија и Советот на странски инвеститори вчера излегоа со заедничко соопштение во кое го изнесоа својот став во врска со Законот за данок на солидарност, укажувајќи дека се носи без соодветна консултација со бизнисот и покрај изјавите на министерот за финансии дека законот е дискутиран на повеќе јавни расправи во кои била вклучена и бизнис-заедницата.
– Имено, потврда за тоа дека и при јавни расправи забелешките на бизнисот не се земени предвид е и првиот допис што беше доставен од Комората до министерот за финансии на 26.12.2022 година, со конкретни укажувања на тогаш именуваниот предлог на Закон за дополнителен данок на добивка (подоцна преименуван во Закон за данок на солидарност), во кој посочивме дека е суштински важно да се дефинира поимот екстра профит за да не се случи да се даночат компании што оствариле позитивни резултати на база на нивно добро работење, зголемени инвестиции, подобрена продуктивност, освојување нови пазари и слично – се вели во соопштението.
Во продолжение се укажува дека откако во повеќе наврати, во изминатите шест месеци, не успеале да ги убедат Владата и министерот за финансии за беспредметноста од носење ваков закон, на 26.6.2023 година Комората преку Клубот 100 и нејзините органи (Управниот одбор, Собранието, Надзорниот одбор), а поддржани и од Советот на странски инвеститори, поднела иницијатива за стопирање на постапката за донесување на предлогот на Законот за данок на солидарност.

– На 4.7.2023 година, Стопанската комора преку јавноста информира дека повторно бара да се повлече и да се стопира постапката за носење на Законот за данок на солидарност, со укажување дека носењето на вакво законско решение создава несигурност кај постојните и потенцијалните инвеститори, особено ако се има предвид дека правната сигурност е еден од врвните приоритети за кои се залагаме како застапувачи на интересите на бизнис-заедницата во земјата (СКСМ ги застапува компаниите што создаваат половина од вкупниот приход во приватниот сектор, компании што генерираат речиси половина од нето-добивката во приватниот сектор и компании што вработуваат повеќе од една третина од вработените во приватниот сектор). Наедно, на 9.7.2023 година Советот на странски инвеститори јавно упати порака за предвидливост и долгорочност наместо импровизации со носење на предложениот Закон за данок на солидарност – се додава во соопштението.
Откако на сите овие укажувања не добиле писмена реакција, на 19.7.2023 година од Комората упатиле повторно допис до претседателот на Собранието, до претседателот на Владата и до министерот за финансии, во кој биле образложени аргументите за барањето на бизнис-заедницата за запирање на постапката за донесување на предложениот Закон за данок на солидарност, по итна постапка со европско знаменце.

– Во согласност со сето погоре кажано, јасно е дека Комората будно го следела целиот процес за ова законско решение, во повеќе наврати реагирала и до надлежните институции и преку информирање на јавноста. Затоа, Стопанската комора останува на ставот дека докрај ќе настојува, преку правните механизми што ѝ стојат на располагање (како последна инстанца поднесување иницијатива пред Уставниот суд) да се спречи ставањето во функција на овој закон, кој претставува репутациски ризик за државата и ја продолжува правната несигурност, која постои повеќе децении – се вели во соопштението на Стопанската комора на Македонија и Советот на странски инвеститори.