Фото: Маја Јаневска-Илиева

Податоците на „Визуел капиталист“ ни послужија како повод да ги анализираме причините за помалата консумација на месо од страна на македонските граѓани во однос на соседите. Нашето истражување и анализа покажаа дека цените на месото и месните производи се покачени за повеќе од 50 отсто во однос на периодот пред пандемијата на ковид-19. Истовремено, македонските граѓани, особено најранливите категории, кои имаат најниски примања, ретко или воопшто не се одлучуваат да купат јунешко или телешко месо

Последното истражување на „Визуел капиталист“ посочи дека македонските граѓани консумираат најмалку месо и месни производи во споредба со државите на Балканскиот Полуостров. Во регионот, само во Албанија консумацијата на месо е помала во однос на нашата држава, а доколку Македонија се спореди со Словенија, која според бројот на жители и географските обележја наликува на нашата држава, словенечките граѓани консумираат за околу 80 отсто повеќе месо од нашите сограѓани.
Истражувањето на „Визуел капиталист“, освен со обработка на статистичките податоци, не се занимаваше со прашањето кои се причините за помалата консумација на месо и месни производи во Македонија. Со намера да ја разјасниме оваа состојба, весникот „Нова Македонија“ спроведе сопствено истражување со посета на маркетите на некои од најпознатите компании од оваа област, но и консултации и разговори со познавачи на состојбите, како и македонските граѓани што ги затекнавме при обиколката.
Првичниот заклучок што може да се извлече од нашето истражување и анализата покажа дека во Македонија се консумира помалку месо поради високите цени и помалиот семеен буџет на граѓаните.

Истражувањето на „Визуел капиталист“ како повод

Достапните информации велат дека во Македонија вкупната консумација на месо е 40,3 килограми по жител. За споредба, во Србија се јадат 61,6 килограм по жител, во Грција 74,5 килограми по жител и во Бугарија 56,9 килограми жител. Во регионот, само во Албанија консумацијата е помала во однос на нашата држава, односно албанските граѓани јадат 39,1 килограми месо.
Споменатото истражување исто така покажува дека во Македонија најмногу се јаде пилешко месо, 20 килограми по жител, а потоа свинско, 12,6 килограми.
Македонските граѓани исто така сакаат риба и морски плодови, па се консумираат 6,2 килограми по жител, додека, пак, телешко се јаде 6,8 килограми по жител. Околу 0,9 проценти јадат јагнешко или друг вид месо. Вкупната консумација на месо во Македонија е 40,3 килограми по жител, со исклучок на рибата.
Доколку се споредиме со Словенија, која според бројот на жители и географските обележја наликува на нашата држава, словенечките граѓани консумираат 72,5 килограми по жител.

Семејниот буџет и високите цени ја намалуваат потрошувачката на месо

Нашето истражување покажа дека консумацијата на месо во Македонија е помала поради социјалниот сегмент, односно пресудни се високата цена на месото и ниските примања на македонските граѓани. Во разговор со менаџер на една од најпознатите трговски компании што има познат бренд маркети во Македонија ни беше посочено дека цената на месото и месните производи е зголемена за повеќе од 50 отсто во споредба со периодот пред пандемијата на ковид-19.
И покрај неодамнешните владини мерки за намалување на цената на месото, енормниот раст на цените е очигледен, а тоа е особено видливо при нашата посета на споменатите маркети. На пример, еден килограм свинско од прва категорија порано чинеше 290 денари, денес свинските ребра се 429 денари, свинскиот пафлак 399 денари, свинскиот врат 409 денари и свинската плешка без коска 479 денари.
Продавачите велат дека од месото,најпродавани производи им се „филе пилешко мини цекин“, кое изнесува 294 денари, мешано мелено месо со цена од 236 денари, пилешки стек, кој чини 289 денари, и пилешки копан со наткопан со цена од 169 денари.
Нашата обиколка на маркетите ги потврди информациите дека во Македонија најмногу се јаде пилешко месо, односно 20 килограми по жител. Во разговор со граѓаните ни беше кажано дека се одлучуваат да купуваат пилешко месо затоа што тоа е многу поевтино во споредба со другите месни производи, особено ако се земе предвид дека јунешката плешка без коска чини 809 денари по килограм, телешкиот пафлак е 949 денари, телешкиот врат е 859 денари, а јунешкиот врат без коска по килограм е 769 денари.
Така, на пример, во разговор со пензионерката Јулијана Петрова, која ја сретнавме во близината на еден од поголемите маркети во населбата Ѓорче Петров, ни беше посочено дека и покрај одредените покачувања на пензијата, која во моментов ѝ изнесува 12.000 денари, не ни помислува да купи телешки гради и ребра или јунешки бут без коска затоа што чинат 739 денари, односно 899 денари.
– Од пензијата, која ми изнесува 12.000 денари, одвојувам од 4.000 до 5.000 денари за лекови, откако ќе ги платам сметките, доколку ми останат пари се решавам да купам свежо пиле, кое во моментов изнесува 219 денари. За друго месо пари немаме – вели нашата соговорничка.
Високите сметки за струја и поскапувањето на прехранбените производи, особено месото и месните производи се голем товар за Петрова, која според висната на пензијата спаѓа во најранливите категории граѓани.
Слични или идентични одговори добивме и од неколкуте граѓани што ги анкетиравме при нашата обиколка. Суштината е дека ниските плати или пензии си го прават своето и го стеснуваат изборот при купување основни прехранбени продукти, а особено месо. Помалиот семеен буџет исто така го објаснува и фактот зошто во Македонија се јаде помалку месо во споредба со другите балкански држави. Д.Ст.