Во 2021 година, сумите на пари, односно девизните дознаки (или лични трансфери) на иселениците што се населиле во Европската Унија (ЕУ), испратени или потрошени по различни основи во своите матични земји (кои не се членки на Унијата), изнесуваа 37,7 милијарди евра (+11 отсто споредено со 34,0 милијарди евра во 2020 година).
Дознаките, пак, по истата основа во ЕУ од иселениците преселени во рамките на ЕУ од посиромашните во побогатите членки на ЕУ, изнесуваа 13 милијарди евра (+ пет отсто во споредба со 12,4 милијарди евра во 2020 година).
Поголемиот дел од личните трансфери се состојат од пари испратени од доселениците во нивната земја на потекло, отколку пари потрошени при нивниот престој во матичната земја од која се отселиле.
Девизните дознаки од ЕУ во државите што не се во ЕУ покажуваат растечки тренд уште од 2015 година (+47 отсто во 2021 година во споредба со 2015 година). Од друга страна, бидејќи дознаките во рамките на ЕУ од побогатите во посиромашните членки на ЕУ останаа константни, ова резултира со зголемување на негативното салдо за ЕУ во однос на земјите што не се членки на ЕУ, достигнувајќи 24,7 милијарди евра во 2021 година.

Колкави се девизните дознаки на економиите на ЕУ

Во 2021 година, земјите-членки на ЕУ што создадоа вишоци на лични трансфери, што претставува повеќе од еден отсто од нивниот бруто-домашен производ (БДП), беа Хрватска (2,7 отсто од БДП), Бугарија (1,6 отсто), Романија (1,5 отсто) и Летонија (1,1 отсто). Спротивно на тоа, Кипар (-0,9 отсто), Франција и Шпанија (двете еднакво со -0,5 отсто) генерираа најголем дефицит на лични трансфери во однос на остатокот од светот како дел од нивниот БДП.