Криптопазарот не остана имун на рецесијата што го зафати светот во изминатата година, со што во 2023 не е веројатно придвижување нагоре. Прво ќе биде потребно враќање на загубената доверба поради скандалот со „Еф-ти-екс“, како и поради ризикот дека и други големи криптоиграчи може да ги снајде истата судбина, според докторот на информатички науки Мартин Михајлов, кој за „Нова Македонија“ се осврна на моментната состојба на криптопазарот и даде видување за можните идни текови.
Изминатава година беше навистина тешка за криптопазарот, чија вредност се намали за два трилиона долари, со што сега се стравува за иднината на дигиталните валути. А во првите месеци од 2022 година владееше голем оптимизам кога биткоин и етер вредеа трипати повеќе отколку сега, додека основачот на сега веќе пропаднатата платформа за тргување со криптовалути „Еф-ти-екс“, Сем Бенкман-Фрид, беше прогласен за најбогатиот 29-годишник на светот од страна на финансискиот магазин „Форбс“.
Оттогаш криптовалутите забележаа стрмоглав пад во поглед на нивната вредност, како и на репутацијата. Најпопуларната светска криптовалута биткоин претрпе значителна загуба во споредба на ноември минатата година, кога вредеше рекордни 69 илјади долари, со што сега „тежи“ 16 илјади долари. Таквата состојба делумно се должи и на банкротирањето на американската компанија „Целзиус нетворк“ која претходно ги замрзна повлекувањата и трансферите на криптовалути. Тргувањето со незаменливите токени (НФТ), пак, е намалено за 80 отсто од минатиот декември.
– Целиот свет е во рецесија. Во последната година сите финансиски пазари одат вртоглаво надоле, при што ИТ-секторот е еден од најзасегнатите. Кога компании како „Амазон“ и „Тесла“ имаат изгубено 60-70 отсто од својата вредност, нема причина криптопазарот да биде поразличен. Веќе не е новитет кој е имун на глобалните трендови, баш напротив ги следи во сите екстреми – посочува Михајлов.
Главен настан на криптопазарот, според Михајлов, беше скандалот со компанијата за размена на дигитални валути, „Еф-ти-екс“ која пропадна, а нејзиниот основач Сем Бeнкмaн-Фрид остана без богатството што се проценуваше на 26 милијарди долари и заврши во притвор.
– Главен настан на годината секако беше скандалот со „Еф-ти-екс“ во кој се покажа што се може да се случи кога сопственик/креатор на криптовалута и криптоберза има одврзани раце да прави што сака. Како еден анти-Робин Худ, Сем Бенкман ги собра парите од секојдневните инвеститори и ги раздели на себе, на своите, и секако на двете главни политички партии во САД – истакнува Михајлов.
Криптопазарот успеа да закрепне по неколку големи потреси во минатото, каков што бепше случајот во 2017 година, но сега изостануваат оптимистички прогнози.
– За 2023 година има секакви предвидувања, но би рекол дека движење на криптопазарот нагоре е малку веројатно. Прво, треба да се врати довербата на инвеститорите во регуларните финансиски пазари која што е изгубена во рецесијата. Дополнително, треба да се врати и драматично изгубената доверба во криптопазарот, која е предводена не само од „Еф-ти-екс“ скандалот, туку и од потенцијалот други големи крипто-играчи да ја доживеат истата судбина – заклучува Михајлов.
Се смета дека остриот пад ги разоткри структурните недостатоци на индустријата што забележа пребрз подем. Тешката состојба затоа ја поттикна работата на создавање механизми што треба да спречат идни падови, меѓу кои спаѓаат регулацијата на пазарот и финансиски проекти што не ветуваат нереални резултати. М.Ж.