Ново-стари проблеми со цената и со откупот на домашната пченица
Законот за земјоделство предвидува дека кога откупните цени се под производните државата треба да изврши интервентен откуп за стоковни резерви со цени од најмалку 25 отсто над пресметаните производни цени и со тоа да се заштити домашното производство на житните култури, кои и според закон се стратегиски култури од суштинско значење за државата и граѓаните
Со почетокот на годинашната жетва се вратија и старите проблеми на домашните земјоделци, кои ги имаа во изминатите години. Имено, тие се соочуваа со неизвесноста од (ниската) цена и несигурниот откуп на произведеното лебно жито. Кај македонските мелничари и преработувачи нема интерес за откуп на домашната пченица, додека за најавеното преземање за одредени количества се нуди цената од 10 до 11 денари за килограм. Оваа цена, според земјоделците, е далеку од трошоците што тие ги имаат направено, поради повисоките трошоци за сеидба и одржување на вегетацијата на пченицата, поради поскапувањето на ѓубривата, горивото и средствата за заштита на растенијата. Националната земјоделска мрежа – Земјоделскиот институт од Скопје изработи производни цени, кои за пченицата изнесуваат 19 денари. Со оглед на тоа дека откупната цена е 11 денари, тие сметаат дека се исполнети законските одредби за интервентен откуп од страна на државата.
Кога откупните цени се под производните, државата треба да изврши интервентен откуп за стоковни резерви
Повторувањето на истите проблеми при откупот на пченицата од домашни производители е последица на непочитување на правната регулатива, како и поради едностраниот интерес на откупните центри, велат од Националната земјоделска мрежа. Законот за земјоделство предвидува дека кога откупните цени се под производните државата треба да изврши интервентен откуп за стоковни резерви со цени од најмалку 25 отсто над пресметаните производни цени и со тоа да се заштити домашното производството на житните култури, кои и според закон се стратегиски култури од суштинско значење за државата и граѓаните.
– Во постојните законски прописи за земјоделската дејност и за рамномерен земјоделски развој постојат членови во кои јасно се дефинирани обврските и на државата во дефинирањето на цената на житарките по единица хектар и при откупот на домашното производство преку Интервентниот фонд и преку Државните стоковни резерви. По наша иницијатива, годинава побаравме од Институтот за земјоделство да ја пресмета производната цена на пченицата, со сите направени трошоци и амортизација килограм домашна пченица треба да се откупува по цена од 19 денари. Но наместо тоа, од мелничарите и од откупните центри на земјоделците им се нуди пониска откупна цена од реалната и производна цена. Во такви случаи, постојат законски обврски за државата да се вклучи во откупот на домашното земјоделско производство. Годинашната откупна цена што се нуди е пониска од производните трошоци на земјоделците – ни изјави Диме Димитриевски, од Националната земјоделска мрежа.
Од Министерството за земјоделство се обидуваат да ја смират состојбата со откупот на пченицата преку давање субвенции, но…
Од Министерството за земјоделство излегоа со став дека по иницијативата на потсекторската група за жито преку Интервентната програма ќе се креира нова мерка со која се предвидува поддршка за пченицата, преку дополнителни три денари за продаден килограм пченица кај регистрирани откупувачи во период до 31 август 2023 година. МЗШВ заедно со потсекторската група за жито, до Агенцијата за стоковни резерви ќе упати барање планираната јавна набавка на 15.000 тони пченица, за потребите на стоковните резерви, наместо во еден, да биде поделена во пет лотови од по 3.000 тони, давајќи предност на домашните количества пченица.
Од Министерството за земјоделство се обидуваат да ја смират состојбата со откупот на пченицата преку давање субвенции, но тоа не е доволно. Неопходно е спроведување трајни решенија, со кои ќе се надминат проблемите при откупот, велат од Националната земјоделска мрежа.
– Нам ни е јасно дека сите учесници во земјоделското производство имаат сопствени интереси. Но прашање е дали некому му е дозволено да се нудат откупни цени што се под производните. Сите механизми за решавање на проблемите со цените се во рацете на ресорното министерство. Едноставно треба да се постапи и според сегашните законски решенија, а тоа е дека постои обврска да се интервенира од државата во случаи кога се нудат ниски откупни цени, како што е за годинашната реколта – вели Димитриевски.
Македонските земјоделци се свесни за тоа дека цените на земјоделските производи, особено на житните култури, се утврдуваат на глобално ниво. Но како што објаснува нашиот соговорник, другите држави во чија национална стратегија е зачувување на домашното производство на храна, како и намалување на зависноста од увоз на стратегиски земјоделски производи, применуваат и поостри мерки за заштита на домашните земјоделски производители. Како пример може да ни послужи и Турција, која го забрани увозот на поевтина пченица, сѐ додека не биде откупена целата годишна реколта од турските земјоделци. Ваквата земјоделска политика одамна се применува од САД, во чија национална програма е откупот на вишоците на основните земјоделски производи, а тоа се применува и од Кина.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство најавија дополнителна поддршка за јачменот и пченицата. Се предлагаат дополнителни три денари за предаден килограм пченица кај регистрирани откупувачи во Македонија. Во уредбата за директни плаќања се предлага мерка за дополнителна субвенција за остварено производство на јачмен во вредност од 12.000 денари по хектар, без скалесто субвенционирање. Мерката е наменета за производителите на јачмен што оствариле минимален принос од 3.000 кг/ха и кои своето производство го имаат продадено кај регистрирани откупувачи или складирано во регистрирани објекти, продадено на домашни фарми или, пак, производството го искористиле во сопствените фарми во период до 31 август 2023 година. М.Ј.