Марко Бислимоски

Мрежарината поевтинува за седум проценти од јануари, според одлука на Регулаторната комисија за енергетика

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука со која цената на МЕПСО за пренос на електрична енергија од 1 јануари се зголемува за 5,68 проценти, цената за дистрибуција на Електродистрибуција се намалува за 5,52 проценти, а цената на операторот на пазарот на електрична енергија МЕМО се зголемува а 19,8 проценти.
Влијанието на цената на МЕПСО за пренос на електрична енергија врз крајната цена по која потрошувачите ги плаќаат сметките за струја е четири проценти, цената за дистрибуција влијае 33 проценти врз крајната цена, а цената на МЕМО влијае само 0,19 проценти. Вкупно трите ставки влијаат со 38 проценти врз крајната цена за потрошувачите.
– Делот од мрежарината што го плаќаат домаќинствата и најголем број од малите потрошувачи се намалува за седум проценти. Имајќи предвид дека веќе ја знаеме и цената што ЕСМ ја понуди на тендерот на универзалниот снабдувач, која изнесува 62 евра за мегават-час и покривање на 100 проценти од вкупно планираните количества, не очекувам дека ќе има поголемо покачување на цената на електричната енергија за домаќинствата од еден процент – рече на прес-конференција претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
Во моментов, домаќинствата ја плаќаат мрежарината по 2,3 денари, а од 1 јануари ќе изнесува 2,14 денари по киловат-час потрошена електрична енергија.
– По носењето на овие одлуки во текот на следните денови, „ЕВН хоум“ како универзален снабдувач до РКЕ ќе ги достави на контрола крајните цени за домаќинствата и за малите потрошувачи – појасни Бислимоски.
Инаку, МЕПСО од РКЕ побара зголемување на цената за пренос на електрична енергија од 50,58 отсто, МЕМО за 78,58 отсто, а Електродистрибуција поднесе податоци во кои не беа вклучени трошоците за покривање загуби во дистрибутивната мрежа бидејќи не беше завршена постапката за набавка на електрична енергија за покривање на загубите.
– До идната пролет нема да има промена на временскиот период во кој домаќинствата може да користат евтина дневна тарифа за електрична енергија – најави Бислимоски.
Домаќинствата евтина тарифа на електричната енергија може да користат секој ден во периодот од 13 до 15 часот и од 22 до 7 часот, како и цел ден во недела. Е.Р.