Владиниот извештај за штедење на струјата лоцира појава на енормно, дури незамисливо зголемување на потрошувачка на електрична енергија во селото Арачиново, Скопско. Извештајот навистина лоцира кој колку е одговорен наспроти препораките на Владата за штедење на струјата. Меѓутоа, во контекст на продлабочување на таа информација, „Нова Македонија“ побара информации за тоа каква е структурата на рекордно потрошената електрична енергија, од над 474 отсто, во општината Арачиново и кој сѐ има удел за ваквиот висок процент: индивидуалните домаќинства, микро, малите или средните претпријатија, потрошувачката за општинското улично осветлување или, пак, нелегалните приклучоци
и кражби на струја?
Како во јавноста се откри причината за енормна нелегална потрошувачка на електрична енергија во Арачиново
Месечниот отчет за заштедена електрична енергија што го направиле државните институции и локалните самоуправи ги даде имињата на најголемите „трошаџии“ на струја, откако Владата во септември ја иницира акцијата за рационално однесување и намалување на трошоците за енергија. На врвот на листата кој имал зголемена потрошувачка на струја во октомври годинава е општината Арачиново, која потрошила дури 474 проценти повеќе струја од октомври лани. Во време на енергетска криза трошеле повеќе струја од лани и општините Студеничани (+11 отсто) и Лозово (+12 отсто). Од 81 општина, 65 во октомври постигнале заштеда од најмалку 15 отсто, од нив 12 општини постигнале заштеда поголема од 50 проценти.
По објавувањето на месечниот преглед за заштедената струја, кој беше претставен од министерот за економија Крешник Бектеши, изостана објаснувањето за тоа на што се должи повеќекратното зголемување на потрошената струја во скопската општина Арачиново, и тоа за период од една година!? Според начинот на кој беа презентирани овие податоци, кај македонската јавност се доби впечаток дека арачиновци и компаниите лоцирани во општината, како и самата локална самоуправа, се однесувале или крајно недомаќински во трошењето на струјата, или пак станува збор за некои други нелегални активности, како копање криптовалути, или пак постоење на мноштво нелегални приклучоци, кражба на струја и слично. Од Министерството за економија, кое е и носител на обврската за спроведувањето на владината програма за штедење, „заборавија“ да дадат објаснување за тоа на што се должи толку високиот процент на потрошена електрична енергија.
За да добиеме подетални информации за структурата на потрошената електрична енергија по категорија на потрошувачи, побаравме одговори и од двете најголеми институции во земјава што се задолжени за производство и дистрибуција на струјата до крајните потрошувачи. Прашањата се однесуваа на тоа каде е направено „пречекорување“ на потрошувачката во однос на ланскиот октомври, односно колку од сегашниот пораст од 474 отсто се однесува на потрошена индустриска струја за мали, средни и микропретпријатија, колку трошеле домаќинствата во Арачиново, а колку на општината за јавното осветлување. На крајот, дали во зголемената потрошувачка има и дел во кој учествуваат и нелегални и диви приклучоци?
Од АД ЕСМ, кое стопанисува со најголемите домашни капацитети за производство на струја, нѐ информираа дека тие не поседуваат информации за поединечната потрошувачка на фирмите и јавните институции во земјата.
– Ние сме само производители на струја и сите количества за домашните потрошувачи ги испорачуваме преку ЕВН, кое може да даде подетални информации за крајните корисници на струјата – ни изјавија во ЕСМ.
Од прес-службата на ЕВН добивме информации дека високата потрошувачка на подрачјето на општината Арачиново, која е забележана во октомври годинава, се должи на претходно преземените активности за отстранување на сите нелегални приклучоци и на поставување броила за потрошена електрична енергија. Со ова практично беше решен долгогодишниот проблем, а тоа е масовната кражба на струја во Арачиново, која создаваше и проблем во одржувањето на електричната мрежа и редовното снабдување на граѓаните, поради преоптовареноста и честите испади од дистрибутивните преносни системи.
– Во основа, не станува збор за високо зголемување на потрошувачката на струја во октомври во Арачиново. Сега пореално се искажува количеството на испорачана електрична енергија во оваа општина. Високиот процент се однесува на сите категории на потрошувачи, на индивидуалните домаќинства, фирмите и потрошувачката за општинското улично осветлување. За споредба во однос на ланската година, околу 90 отсто од индивидуалната потрошувачка на струја не можеше да биде наплатена – велат од ЕВН.
Самопрогласената „енергетска“ слободна зона во Арачиново наидуваше на реакции од другите граѓани и потрошувачи, кои беа незадоволни од нееднаквиот третман при користењето на струјата, а кои мораа да ја плаќаат редовно. Состојбата со нелегалните приклучоци во оваа општина ескалира во летниот период, кога со денови остануваа без струја, поради испадите на трафостаниците. Министерот за економија Бектеши тогаш наведе дека загубите на струја во Арачиново се дури и до 80 отсто, поради диво приклучување на мрежите. Повикувајќи се на извори на ЕВН, некои од медиумите објавија дека само за една година, околу 50 милиони евра е вредноста на украдената струја само од Скопскиот Регион. Во општината Арачиново за една година се крадела или не се плаќала струја во вредност од шест милиони евра. Во февруари годинава во овој регион биле украдени вкупно 2.800 мегават-часа. Тоа значи дека на годишно ниво загубата беше повеќе од 20 илјади мегават-часа.
Државните институции се подисциплинирани од општините во примената на мерките за штедење што ги препорача Владата во екот на енергетската криза. Трендот на намалување на потрошувачката на струја од страна на државните институции продолжува и во октомври. Ако се земат предвид податоците, вклучувајќи ги и сите државни претпријатија, агенции и управи, тогаш вкупната заштеда на електрична енергија изнесува 24 отсто. М.Ј.