Фото: Игор Бансколиев

Во ваква стегната монетарна рамка, граѓаните и стопанските субјекти, кои поради нарушените економски текови се соочуваат со намалена ликвидност, се принудени да користат поскапи пари (банкарски кредити). Од здруженијата на бизнис-заедницата се погласни во однос на неповолните каматни политики, за што посочуваат и тешкотиите во враќањето на преземените кредитни обврски. За жал, сѐ почесто се среќава ставот во кој компаниите најавуваат и одложување на своите инвестициски и бизнис-планови, а за тоа информираат и од комерцијалните банки, од каде што посочуваат на помалата заинтересираност за нови кредити…

Континуираната рестриктивна монетарна политика наидува на погласни реакции од бизнис-заедницата и од граѓаните

AПолитиката на централните банки преку зголемување на каматните стапки да се влијае на намалување на високата инфлација ги чини прескапо фирмите и граѓаните што имаат потреба од банкарски кредити за покривање на тековните потреби. Ако во претходните зголемувања на основните каматни стапки ваквите чекори на централните банки беа „премолчувани“ од експертската и бизнис-заедница, поради остварување на повисоката монетарна цел – симнување на инфлацијата на очекуваните два отсто на годишно ниво, сега има погласни реакции околу целисходноста на континуираното заострување на каматната политика. Во изминатиот период нашиот весник во континуитет предупредуваше на негативните последици од таквата монетарна политика на Европската централна банка, која беше следена во чекор од Народната банка на Македонија. По последната рунда на зголемување на основните каматни стапки од различни медиуми и меѓународни економски авторитети и институции, отворено се говори за тоа дека позајмувањето средства од банките станува сѐ потежок финансиски товар за компаниите и граѓаните, што може да има и директно влијание на намалената економска активност на глобално и национално ниво.
Да потсетиме, од Народната банка деновиве повторно сведочевме на соопштение за ново зголемување на каматните стапки кај благајничките записи, за 0,15 базични поени. Зголемувањето на референтната камата од изминатата година достигна максимално ниво од 6,15 проценти, што е највисоко од јуни 2010 година. Ова е 13-ти пат како НБ ја зголемува каматната стапка на благајничките записи. Претходните зголемувања на референтната камата беа во опсегот од 0,25 до 0,75 процентни поени. Но тоа што треба да ги загрижи економските субјекти и граѓаните, кои се сѐ повеќе изложени на заострените монетарни политики, се најавите од Европската централна банка за уште едно зголемување на основните камати до крајот на годината. Oд нашата централна банка повторно го даваат истото објаснување за нивната најнова одлука за дополнително затегање на монетарната политика. Така, Советот на Народната банка соопшти дека зголемувањето на каматите е „донесено во услови на постепена стабилизација“, но и понатаму постојат (истите) ризици, поради што „има потреба од понатамошна претпазливост во водењето на монетарната политика“!
Какви се резултатите од ваквата монетарна политика може да се види и низ висината на инфлацијата во земјата, која е и главната цел на заострената монетарна политика. Инфлацијата во Македонија во јуни се намали на 9,3 отсто на годишно ниво и е за двапати повисока од земјите во Европската Унија. Наспроти ова, индикаторите за базичната инфлација упатуваат дека преносните ефекти од цените на енергијата и храната сѐ уште не се целосно исцрпени.

Во ваква стегната монетарна рамка, граѓаните и стопанските субјекти, кои поради нарушените економски текови се соочуваат со намалена ликвидност, се принудени да користат поскапи банкарски кредити. Во најнеповолна позиција се корисниците на станбени кредити, кои ќе мораат да враќаат повисоки рати со променливи каматни стапки. Ваквите трендови се рефлектираа и во најновиот извештај на Народната банка за движењето на каматните стапки на банките и штедилниците, објавен деновиве, кој се однесува на податоци за јуни годинава. Просечната камата на вкупните кредити што ги одобриле банките достигна 5,12 отсто и е за 0,03 процентни поени повисока во однос на мај. На годишна основа зголемувањето е 0,85 процентни поени. Од податоците за новоодобрените кредити за домаќинствата, на пример, ќе се види дека просечната камата е 5,27 отсто, а за фирмите 5,26 отсто. Слично е и за новопримените депозити, каде што каматата за физичките лица е во просек 2,87 отсто, а за фирмите 2,11 отсто.
– Потребнo е натамошно намалување на инфлацијата, која иако полека стивнува сè уште е под ризик од геополитичките случувања. Во вакви околности, неопходно е монетарната политика и натаму да биде на линијата на затегнување – вели Марјан Петрески, универзитетскиот професор и член на Советот на Народната банка. Сепак, тој не ја исклучува можноста во наредниот период да дојде до пауза во растот на каматите, но тоа не мора да значи и крај на монетарното затегнување.

Од здруженијата на бизнис-заедницата се погласни во однос на неповолните каматни политики, за што посочуваат и тешкотиите во враќањето на преземените кредитни обврски. Некои од компаниите најавуваат и одложување на своите инвестициски и бизнис-планови, а за тоа информираат и од комерцијалните банки, од каде што посочуваат на помалата заинтересираност за нови кредити. Тоа се одразува и на домашната економска активност. Во првиот квартал, растот на економската активност од 2,1 отсто беше умерено повисок од проекциите на Народната банка, а високофреквентните податоци за периодот април ‒ мај 2023 година главно упатуваат на натамошен раст на економската активност во вториот квартал од годината, но поумерен. Така, и во овој период се бележи раст на индустриското производство, но истовремено кај прометот во вкупната трговија и градежништвото се забележува реален годишен пад, по нивниот раст во претходниот квартал. Сепак, ваквиот раст е далеку понизок од потенцијалот на македонската економија, кој е проценет на четири отсто.
Монетарното затегнување започна од крајот на 2021 година, прво преку интервенциите на девизниот пазар, а потоа од април минатата година и со зголемување на каматната стапка на благајничките записи, како и на каматните стапки на другите монетарни инструменти. Овие промени се поддржани и од измените во инструментот на задолжителна резерва, кои беа насочени кон зголемување на денаризацијата каде што се забележуваат позитивни трендови. Советот на Народната банка во август донесе дополнителни измени кај инструментот на задолжителна резерва.
Министерот за економија Крешник Бектеши очекува дополнително намалување на инфлацијата. Сепак, за издвојување се напорите за дизајнирање нови мерки, кои, како што изјави, „доколку има потреба ќе се активираат од септември или од почетокот на октомври“. Што се тие, засега министерот за економија Крешник Бектеши, не открива конкретно. М.Ј.