Македонската енергетска асоцијација (МЕА) при Стопанската комора на Македонија бара итна средба со Владата и со Регулаторната комисија за енергетика за да се обезбеди сигурна и поевтина електрична енергија за стопанството за спас на економијата и државата. Македонските енергетичари велат дека е потребно поголемо домашно производство на електрична енергија за да нема рестрикции на зима

ЕКСПЕРТИТЕ И ЕНЕРГЕТИЧАРИТЕ СО АПЕЛ ДО ВЛАСТИТЕ

За справување со енергетската криза, земјите во Европа веќе со месеци подготвуваат мерки, додека кај нас досега нема ниту една мерка за решавање на проблемите со струјата. Експертите алармираат дека веќе многу се доцни.
Подготовките требало да почнат уште пред неколку месеци, кога цените на берзите биле пониски. Македонските енергетичари велат дека е потребно поголемо домашно производство на електрична енергија за да нема рестрикции на зима.
Професорот на Институтот за термичко и енергетско инженерство при Машинскиот факултет, Ристо Филкоски, истакнува дека во принцип, производството на електрична енергија во домашни електроенергетски објекти треба да има приоритет пред увозот, се разбира, имајќи ја предвид и финансиско-економската страна.
– Важна поука од актуелната ситуација е дека треба да се одржуваат домашните енергетски објекти и да се создаваат услови за нивна работа барем за уште неколку години, а не да се избрзува со нивно затворање – укажува Филкоски.
Во делот на енергетскиот сектор кај нас, тој додава дека треба сериозно да се поработи на неколку клучни прашања за кои и не моравме да чекаме да настапат вакви кризни ситуации.
– Потребно е подобро одржување на базните објекти за генерирање електрична енергија и подобрување на условите за нивна работа, работа на изградба на нови (термо- и хидро-) енергетски објекти, вложување за подобрување на енергетската ефикасност во сите сектори, мудро поголемо вклучување обновливи извори на енергија во системот, преку методи со кои ефектите би ги почувствувал најголем дел од населението, подобрување на преносната и дистрибутивната мрежа, подобро поврзување со соседните електроенергетски системи и редица други работи – објаснува професорот.
Според него, доколку брзо ги затвориме термоцентралите, единствено што ќе постигнеме се услови за побрз раст на цената на електричната енергија, врз кој ќе ја изгубиме и таа мала можност за контрола преку домашното производство. – Потоа, недостигот од домашно производство ќе се почувствува и на други начини, па дури може да дојдеме и до неопходност од рестрикции – додава Филкоски.
Македонската енергетска асоцијација (МЕА) при Стопанската комора на Северна Македонија бара итна средба со Владата и со Регулаторната комисија за енергетика за да се обезбеди сигурна и поевтина електрична енергија за стопанството за спас на економија и државата. Ставот на МЕА е дека во согласност со актуелната енергетска состојба постојат неколку барања и предлози што треба да бидат разгледани и дискутирани со надлежните органи, со цел да се најде заедничко решение за полесно справување со предизвиците настанати од глобалната енергетска криза којашто ни претстои во следните години.

– Имајќи предвид дека сите земји во Европа преземаат мерки поради тешката и неизвесна претстојна зимска сезона, потребно е и нашата државата да го стави како приоритетно прашање бидејќи сме енергетска зависна држава во повеќе сегменти. За таа цел, потребно е да се зголеми домашното производство, бидејќи сите земји што имаат свое сопствено производство имаат голема сигурност, стабилност и пониска продажна цена, а за да се зголеми домашното производство треба да се искористат сите можни ресурси – истакна Кочо Анѓушев, претседател на МЕА.
Тој додава дека е потребно да се премине кон набавка на јаглен веднаш за да не биде доцна потоа во текот на зимата и треба државата финансиски да помогне доколку е потребно тоа.
– Да се обезбеди мазут за вклучување на ТЕЦ „Неготино“ бидејќи во согласност со постојните цени на електричната енергија и на мазутот, цената од ТЕЦ „Неготино“ е околу 250 евра по мегават час, наспроти пазарната цена, која во моментот е 350 евра, а во претстојниот зимски период се очекуваат и повисоки цени. Треба да се разгледа и можноста ТЕ-ТО да биде во функција цела година, бидејќи е многу важно да се има домашно производство не само во услови за да има стабилност туку и за услови доколку се случи затворање на границите – смета Анѓушев.
Според него, доколку нема домашно производство многу извесно е дека ќе се случат рестрикции со цел заштеда на електрична енергија во државата, што негативно ќе се одрази на континуираното производство на домашната економија.
– Исто така, Владата треба да ја врати уредбата што беше во функција во услови на прогласена кризна состојба со која целокупната произведена енергија од обновливи избори беше насочена само за индустријата со што се овозможуваше индустријата да обезбедува од 15 до 17 отсто од потребите за енергија од домашни обновливи извори, чија цена беше помеѓу 90 и 110 евра – нагласува Анѓушев
Наедно, МЕА бара измени во Законот за градба, со цел легализирање индустриски капацитети/објекти само со Г-намена (за незагадувачка индустрија), кои се изградени во согласност со веќе донесените урбанистички планови и имаат основни проекти, но немаат дозвола за градба од повеќе објективни причини.

– Имено, постојат многу индустриски објекти и производни хали, кои се изградени во согласност со урбанистичките планови, на сопствено земјиште, меѓутоа за истите тие сѐ уште немаат обезбедени градежни дозволи и денеска се водат како нелегални (без градежна дозвола), а сепак ги исполнуваат сите услови. Ова, пред сѐ, е така поради фактот што за да се постават фотоволтаици на покривите од индустриските објекти, хали, потребно е тие да имаат градежна дозвола што значи да бидат легални објекти, за да можат да ги создадат условите да постават фотоволтаици – вели Анѓушев.
Тој смета дека е потребно Владата да воспостави деловна комуникација со сите влади на соседните држави за тие да издадат гаранции кон нашата држава дека во текот на претстојниот зимски период нема да ги затворат границите за проток на електрична енергија. Односно дека ниту една држава нема да ја затвори границата и да го сведе прекуграничниот проток на електрична енергија на 0.
Анѓушев вели дека во согласност со усвоените заклучоци на седницата на МЕА, се очекува следните денови многу брзо и работна средба со Владата и со Регулаторната комисија за енергетика со цел изнаоѓање решенија за актуелната енергетска криза и изнаоѓање решенија во пресрет на зимскиот период.