Домашната енергија во Хрватска доаѓа од хидроцентрали, а уделот на ветерните електроцентрали е зголемен на 14 отсто. Но потенцијалот на сончевата енергија сѐ уште не е доволно искористен. Сепак, препораката на Европската комисија е дека Хрватска треба да ја намали зависноста (вклучувајќи и од фосилни горива) и да направи напор за побрз развој на обновливите извори, особено со инвестирање во ветер, сончева и геотермална енергија…

Фрапантни информации изнесени на конференцијата „Денови на сонцето“ во Хрватска

Изминативе денови, почнувајќи од четвртокот минатата недела, на Бол на Брач, беше одржана конференција со наслов „Денови на сонцето“. На извонредно плодната конференција се реализираа повеќе панели, презентации и тркалезни маси за импулс на развојот на хрватскиот стратегиски државен „Проект за соларна енергија“.
На конференцијата беше презентиран интересен извештај што фрли светлина на актуелните енергетски состојби во Хрватска и ги прикажа во вистинско светло многуте предизвици што се однесуваат на реализирање на јасната одредница и инструкција на Европската комисија за Хрватска: намалување на зависноста од фосилни горива!

Хрватска увезува и троши повеќе од половина од вкупната потребна
енергија

Во споменатиот презентиран извештај од страна на надлежните хрватски власти на конференцијата се наведува дека „Хрватска увезува околу 53 отсто од енергијата што ја троши годишно, иако има голем потенцијал во обновливите извори, особено во ветерните, соларните и биотермалните извори“.
– Половина од производството на електрична енергија доаѓа од хидроцентрали, а уделот на ветерните електроцентрали е зголемен на 14 отсто, но потенцијалот на сончевата енергија сѐ уште не е доволно искористен. Според препораката на Европската комисија, Хрватска треба да ја намали зависноста од фосилни горива со побрз развој на обновливите извори, особено со инвестирање во ветер, сончева и геотермална енергија – беше изнесено на конференцијата.
Исто така, беше акцентирано дека Хрватска има нецелосна законска регулатива од областа на соларната енергетика, што е фрапантно и недозволиво за една земја-членка на ЕУ, која има извонредно многу сончеви денови годишно, а и соодветен потенцијал за енергија на од ветер.
– Хрватска треба да ја комплетира нецелосната законска рамка, со што би се поедноставиле административните процедури за издавање дозволи, поставување опрема како соларни панели во повеќе станбени згради. Исто така, од Хрватска се бара да ја модернизира мрежата за пренос на енергија, но и да ја подобри преносната мрежа меѓу северот и југот, се истакна на конференцијата.

Енергетската криза е далеку од завршена

Енергетската криза не е завршена, поради што сите мораме побрзо да најдеме решение, истакнаа повеќето учесници на конференцијата.
Цената на енергијата во Европската Унија е превисока, но секако Европската комисија ќе опстои на планот да се ослободи од фосилните горива.
– Сакаме да станеме независни од фосилните горива. Сакаме да им го оставиме овој свет на нашите деца како што треба, а не да се соочуваме со суши и поплави. Станува збор за демократизација на електричната енергија – рече претставник на „Солар пауер Јуроп“.
Потоа, претставникот на „Солар пауер Јуроп“, г. Хеметсбергер, ја одржа презентацијата „Патот до 2050 година е поплочен со соларна енергија“, во која на учесниците на конференцијата им даде преглед на состојбата со сончевата енергија во Европа, заедно со подетален преглед и посебен осврт на неговото истражување за ситуацијата во Хрватска. Претставени се и изгледите за раст во наредните години и наведени се пречките што треба да се надминат за да се искористи целосниот потенцијал на сончевата енергија.
Интересни презентации имаше од области за агросоларни електроцентрали како форма на двојна употреба на земјоделско земјиште, за земјоделско и енергетско производство.
На конференцијата беа опфатени и темите за улогата на складирањето енергија во енергетската транзиција, хибридните системи и складирањето на произведената енергија, регионалната ситуација во соларните централи, енергетските предизвици во индустријата и финансирањето на проекти и енергетската заедница.
Покровители на конференцијата беа Европската комисија, Владата на Република Хрватска, „Солар пауер Јуроп“, Министерството за регионален развој и фондовите на Европската Унија, Министерството за просторно планирање, градежништво и државен имот, Министерството за земјоделство, Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициска банка.
Ова е втора конференција „Денови на сонцето“, првата се одржа во Хвар во 2021 година, додека минатата година конференцијата „Денови на добриот ветер“ се одржа во Дубровник. Идејата е овие две конференции да се организираат наизменично – една од нив секоја година.
Како заклучок на конференцијата, учесниците и организаторите го истакнаа ставот дека „сончевата енергија ја обединува европската цел за постигнување јаглеродна неутралност до 2050 година, дека таа е незаменлив дел од Зелениот договор, Националниот план за клима и енергија, Националниот план за обновување и отпорност, како и планот ’Ре пауер ЕУ‘ на Европската комисија“.

Од нашиот соработник во Хрватска, Ангел Митревски