Фото: Маја Јаневска-Илиева

Глобалниот јавен и приватен долг паднаа со најголема стапка во последните 70 години во 2021 година, откако достигнаа рекордни нивоа поради влијанието на пандемијата на Ковид 19, но севкупно останаа далеку над нивото пред пандемијата, објави Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Во блогот објавен со Глобалниот монитор за долг, ММФ наведе дека во 2021 година, вкупниот јавен и приватен долг падна за 10 процентни поени на 247 отсто од глобалниот БДП, од врвот од 257 отсто во 2020 година. Во годината пред финансиската криза, 2007 година, таа беше околу 195 отсто од БДП.

Изразено во долари, глобалниот долг продолжи да расте, иако со многу побавна стапка, достигнувајќи рекордни 235 трилиони долари минатата година. Уделот на долгот се очекува дополнително да опадне во 2022 година во повеќето земји поради номиналниот раст на БДП.

Повикувајќи се на податоци од 190 земји, ММФ објави дека приватниот долг, кој ги вклучува нефинансиските обврски на компаниите и домаќинствата, довел до севкупен пад во 2021 година за шест процентни поени, на 153 отсто од БДП.

Падот на јавниот долг за четири процентни поени, на 96 отсто од БДП, е најголем во изминатите неколку децении. Невообичаено големите промени во коефициентите на долгот, таканаречениот „глобален пад на долгот“, се предизвикани од економското закрепнување од Ковид-19 и брзиот раст на инфлацијата, објави ММФ.

Динамиката на долгот значително се разликуваше меѓу групите на земји. Напредните економии постигнаа најголемо намалување на долгот, при што јавниот и приватниот долг паднаа по пет отсто од БДП минатата година, проследени со слични резултати на пазарите во развој, со исклучок на Кина.

Но, во земјите со ниски приходи, учеството во вкупниот долг продолжи да расте во 2021 година, поттикнато од повисокиот приватен долг, при што вкупниот долг достигна 88 отсто од БДП.

Пауло Медас, кој го надгледува фискалниот монитор на ММФ, рече дека нивоата на долг во земјите со ниски приходи сега се на највисоките нивоа од олеснувањето на долгот во 1990-тите и раните 2000-ти.

Постои зголемена загриженост за способноста на земјите со низок и среден приход да ги отплатат своите долгови, при што се проценува дека 25 отсто од земјите на пазарот во развој и повеќе од 60 отсто од земјите со ниски приходи се во или блиску до должничка криза.

ММФ предупредува дека управувањето со долгот ќе стане сè потешко ако изгледите продолжат да се влошуваат и трошоците за задолжување продолжат да растат. Тој смета дека владите треба да спроведат фискална политика која би помогнала да се намалат инфлаторните притисоци.