Министерот за економија Крешник Бектеши очекува да има намалување на малопродажните цени на основните прехранбени производи по вчерашното донесување на одлуката за ограничување на маржите.
– Одлуката за ограничување на маржите за основните производи денеска е објавена во Службен весник. Од информациите што ги имаме од Пазарен инспекторат денеска до 15 часот треба сите производители и дистрибутери да формираат нови цени кои ќе ги достават до синџирите на супермаркети и согласно новите понудени цени ќе се намалат цените на основните производи доколку суровините и сите трошоци останале исти – рече Бектеши во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Нагласи дека на берзите веќе се намалува цената на пченицата и на сончогледот и на другите суровини и земјоделски производи кои се користат за производство на финални производи.
– Најважно е да нема злоупотреба на договорите што ги имаат синџирите на супермаркети со производителите и дистрибутерите – рече Бектеши.
Согласно податоците и влезните фактури кои се проверени од страна на Царинската управа во делот на суровините или, пак, во делот на готовите производи и оперативните трошоци што ги пријавувале компаниите од март до мај, потенцира, не гледаме дека има некое зголемување на оперативните трошоци во делот на поголеми сметки за електрична енергија или други трошоци.
– Од април се зголемија минималните плати, а до мај се применуваа и се признаваа зголемувањето на платите кое беше вкалкулирано како дополнителен трошок од страна на компаниите за да ги зголемат цените. Немаме одлука од 1 јуни за дополнително зголемување на минимална плата, па да се зголеми делот на платите во нивните оперативни трошоци или, пак, нема зголемување на цената на електричната енергија за дополнително да стават проценти на она што било во мај сега во јуни за трошоци за електрична енергија – појасни Бектеши и додаде дека секојдневно се следат сите трошоци.