Фото: Архива

Во сегашната констелација, дали со притисокот на јавната администрација за зголемување на платите би се влијаело на покачување на надворешниот долг? И дали почетокот на реализацијата на најголемиот инфраструктурен проект вреден над 1,6 милијарда евра ќе се одрази на надворешната задолженост? Иако евентуалните задолжувања заради првоспоменатите социјални трансфери се од сосема различна природа од задолжувањата заради инфраструктурата, сепак треба да се биде внимателен бидејќи државата се наоѓа во ризичната зона на надворешната задолженост

Продолжува трендот на надворешно задолжување на државата

Надворешниот долг на државата продолжува да расте со секоја завршена календарска година. Нето-долгот на Македонија во четвртиот квартал од 2022 година е зголемен за 432 милиона евра, или за 11 отсто, со што на крајот на декември минатата година тој изнесува 4.349 милиони евра. Зголемувањето на нето-надворешниот долг во четвртиот квартал произлегува од зголемувањето на приватниот нето-долг за 389 милиони евра и јавниот нето-долг за 43 милиони евра. На крајот на четвртиот квартал, бруто-надворешниот долг изнесува 10.856 милиони евра и забележа квартално намалување од 241 милион евра. Бруто-надворешните побарувања забележаа намалување од 673 милиони евра и изнесуваат 6.507 милиони евра.

Историски најголем долг

Неповолната должничка слика за Македонија продолжи и во 2022 година со 7,7 милијарди евра јавен долг, што е 57,1 проценти од бруто-домашниот производ. Тоа е историски најголем долг, но задолжувањето што се планира годинава, во согласност со буџетот за 2023 година, е над 1,6 милијарда евра.
Од Министерството за финансии, пак, објаснуваат дека нема да се зголеми јавниот долг, затоа што еден дел ќе се искористи за отплата на старите долгови, кои се планирани на 847,4 милиони евра.
Наспроти ова, буџетскиот дефицит е проектиран на 695,3 милиони евра и тој мора да се финансира со задолжување. Ова значи дека приходите што ќе се остварат со издавањето на новата еврообврзницата од 600 милиони евра ќе покријат само дел од вкупните сметки што ќе бидат испорачани за наплата од државниот буџет. Најголемиот дел од новото задолжување ќе биде наменето за покривање на „заемот“ во еврообрзницата издадена во 2016 година. За оваа намена годинава ќе се платат 450 милиони евра, плус камата од 25 милиони евра.
Во сегашната констелација, се поставува прашањето дали со притисокот на јавната администрација за зголемување на платите би се влијаело на покачување на надворешниот долг? И дали почетокот на реализацијата на најголемиот инфраструктурен проект вреден над 1,6 милијарди евра ќе се одрази на надворешната задолженост? Иако евентуалните задолжувања заради првоспоменатите социјални трансфери се од сосема различна природа од задолжувањата заради инфраструктурата, сепак треба да се биде внимателен бидејќи државата се наоѓа во ризичната зона на надворешната задолженост.
Поради леснотијата со која државата пристапува кон нови кредити, заради задоволување на одредени барања и потреби за време на здравствената и енергетската криза, земјата веќе се наоѓа во ризичната зона на надворешната задолженост.

Како до оптимално ниво на надворешна задолженост?

Економистите предупредуваат дека е потребно да се постигне оптимално ниво на задолженост, а според анализите, тоа треба да биде меѓу 55 и максимални 60 проценти од БДП, од причина што секое натамошно задолжување е неповолно поради високите банкарски камати за одобрените кредити на меѓународниот финансиски пазар. Поради тоа граѓаните и бизнис-заедницата ќе мора да ги намалат своите потреби од непродуктивни трошења, а државата да ги контролира своите расходи и да воведе рестриктивни мерки, што би значело контролирање на сопствените расходи, а пред сѐ во намалување на надоместоците на државните функционери и за државната администрација.
– Со години укажуваме на немањето одредена стратегиска политика за јавните пари, а тоа подразбира и задолжувањето за пари за одредени стратегиски цели. Во нашата држава со години задолжувањето се прави за да се држи социјалниот мир, а не за создавање нова клима на економски раст и развој. Кога ние би имале една здрава економска политика и добро менаџирање на јавните пари (во извештајот на Светската банка се нагласува истото тоа) тогаш самата наша економија ќе биде во можност да ги сервисира долговите – изјави економскиот аналитичар Абил Бауш.
Според проекцијата на Министерството за финансии, годинава треба да ја завршиме со јавен долг од 60,6 отсто од БДП, или номинално тој ќе изнесува околу 8,5 милијарди евра. За споредба од пред дваесет години, јавниот долг изнесуваше 1,8 милијарда евра, или 43,2 отсто од БДП. Трошоците на државата растеа од времето на корона-кризата, а потоа и со покривање на штетите предизвикани од енергетската криза. Владата соопшти дека за амортизирање на ценовните шокови, предизвикани од пандемијата и војната во Украина, потрошила вкупно 615 милиони евра. Во неколку наврати за време на пандемијата, а потоа и за да се ублажи растот на цените на храната и на енергентите, Владата донесуваше сет мерки за помош на граѓани и на компании. Минатата година, државата се задолжуваше за проекти кај меѓународните кредитори. Според програмата за работа што ја објави Владата за 2022 г., најголемиот кредит е за железничкото поврзување со Бугарија,
Заводот за ревизија во ланскиот извештај за јавниот долг наведе дека тој ја достигнал критичната граница од 60 отсто како последица на ковид-кризата, но и на отсуството на план за задолжување и реализација на капитални проекти. Јавниот долг во ковид-кризата се зголемил за 15 процентни поени.
– Отсутноста на посебен закон или подзаконски акти за водење на јавните финансии во исклучителни околности, како кризна или вонредна состојба, претставува ризик во управувањето на јавниот долг – велат од Државниот завод за ревизија.
Извештајот покажува дека 75 отсто од вкупниот јавен долг, односно 88 отсто од државниот долг е за финансирање на буџетскиот дефицит поради проектирани повисоки расходи од приходи. Земјите што имаат јавен долг до 60 отсто од БДП се умерено задолжени, според критериумите на Светската банка. Кога ќе се надмине тој праг, земјата спаѓа во категоријата високозадолжена.