Фото: Маја Јаневска-Илиева

Новиот бран на ширење на пандемијата им создава нови главоболки на бизнисмените, кои стравуваат од уште порадикални рестриктивни мерки, што би можело да се одрази дополнително негативно врз домашната економија.
Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека индексот на прометот во индустријата во периодот јануари – август 2020 година, во однос на периодот јануари – август 2019 година, изнесува 86,3. Ова укажува дека во периодот јануари – август годинава има намалување од 13,7 проценти во споредба со истиот период минатата година.
– Податоците на ДЗС покажаа дека индексот на прометот во индустријата на домашниот пазар во август 2020 година во однос на август 2019 година изнесува 96,8, односно прометот на индустријата во август бележи пад од 3,2 отсто, додека во периодот јануари – август 2020 година, во однос на периодот јануари – август 2019 година, падот на прометот во индустријата изнесува 10,7 проценти. Индустриското производство е намалено пред сѐ поради намаленото производство на текстил, облека, кожа, производство на метали, машински уреди, моторни возила и опрема, неметални минерални производи и др.

Поради мерките за спречување на ширењето на коронавирусот во земјата, како и поради влошеното меѓународно опкружување и значителниот пад на надворешната побарувачка покрај индустриското производство, погодени беа и трговијата, транспортот и угостителството, додека градежниот сектор, пред сѐ како резултат на нискоградбата, односно изградба на патишта остварува резултати речиси на исто ниво како претходната година – објаснуваат од Стопанската комора на Македонија.
Од СКМ истакнуваат дека неизвесноста и актуелното заострување на здравствената криза и понатаму негативно ќе влијаат врз некои од дејностите. Истакнуваат дека последниот квартал од оваа година ќе биде одлучувачки за опстанокот на текстилната и кожарската индустрија поради најавите за намалување и откажување на нарачките од странските партнери помеѓу 40 и 50 проценти во однос на претходните години.

– Евидентно кај компаниите е дека имаат намалени и откажани налози или нарачки во помали серии од страна на долгогодишните странски партнери, пред сѐ од Германија. Компаниите од други сектори на преработувачката индустрија што се покриени со нарачки имаат одредени проблеми и зголемени трошоци за транспорт на добрата. Сите предвидувања говорат дека неизвесноста од глобалната криза од ковид-19 и можноста за воведување нови рестриктивни мерки, како и неизвесната странска побарувачка, воздржаноста на странските и домашните инвеститори и намалувањето на домашната побарувачка, ќе доведат до забавување на економската активност на компаниите – истакнуваат од Стопанската комора.