Текстилната индустрија е гранката што секогаш носела поголем извоз од увоз, но минатата година не била таква, покажува анализата на Здружението за истражување и анализи (ЗМАИ). Во текот на 2020 година увозот бил поголем од извозот дури за 958 милиони денари (15,6 милиони евра).
ЗМАИ во рамките на проектот „Одговор на социоекономските ефекти од ковид-19“, заедно со „Гласен текстилец“ и со поддршка на фондот „Отворено општество – Македонија“, анализираше повеќе аспекти во однос на текстилната индустрија.
Анализата на мерките од државата покажува дека нема ниту една конкретна мерка за оваа индустрија што е меѓу оние што бележат најголеми загуби, но дека многу голем дел од парите за субвенции на плати оди токму во овој сектор. Така, само од третиот пакет, 14 отсто од парите за субвенции во текстилниот сектор се слеани во текстилната индустрија. Во однос на поддршката на општините каде што има текстилни фирми, од 10 општини, мерки имало само во две, и тоа во однос на ослободувања за фирмарината, а во една од тие две имало и обезбедени средства за дизинфекција на работните простории.
– Правевме и анализа на пазарот нa трудот. Откривме дека платите во текстилната индустрија драстично се зголемуваат, но и дека невработеноста многу се зголемува, дури за 128 отсто во текот на минатата година. Оние што се пониско платени работници во текстилната индустрија ја губат својата работа, а тоа на крајот доведува до зголемување на платите во текстилната индустрија – вели истражувачот во ЗМАИ, Виктор Стојкоски.
Тој додава дека еден од заклучоците на истражувањето е и тоа дека проблемите во текстилната индустрија постоеле и пред кризата, но со пандемијата станале понагласени, а и во иднина еден од главните предизвици ќе остане обезбедувањето квалификувана работна рака.