ЕК ќе ги насочи средствата од кризниот фонд за производство на вакцина

Европската комисија (ЕК) ја разгледува можноста дел од парите од европскиот кризен фонд вреден 2,4 милијарди евра да искористи за зголемување на капацитетите на фармацевтските лаборатории, за да обезбеди доволно вакцини за ковид-19.
Во моментот се развиваат повеќе од 90 вакцини против оваа болест, која усмрти најмалку 290 илјади луѓе во светот. Осум од овие вакцини се во фаза на клинички испитувања, но стручњаците велат дека масовното производство на успешна вакцина би можело да биде ист предизвик како и нејзиниот развој.
Сè додека капацитетите за производство на вакцини се ограничени, ЕУ би требало да разработи план за зголемување на производството и на почетокот да ја дистрибуира вакцината само до оние на кои им е најпотребна, се вели во документот во кој имал увид Ројтерс.

Мароко бара спас за туризмот во домашните гости

Мароканската влада и туристичкиот сектор во оваа земја се надеваат дека ќе ги поттикнат граѓаните на патувања во познатите домашни дестинации и дека со тоа ќе го компензираат остриот пад на посети на странски туристи поради корона-кризата.
Преку телевизиска промотивна кампања, Владата ги потсетува граѓаните на многубројните домашни атракции, од древните базари во Маракеш до плажите во Агадир.
Туризмот чини седум отсто од вкупната економска активност на оваа медитеранска земја и вработува повеќе од половина милион луѓе. Лани во овој сектор, кој угостил околу 13 милиони странски туристи, бил остварен девизен прилив во висина од осум милијарди долари.

Глобалната продажба на автомобили ќе падне за 20 отсто

Глобалната продажба на нови автомобили оваа година би можела да падне за 20 отсто во однос на лани, очекува рејтинг-агенцијата „Мудис“.
Претходната прогноза на оваа агенција предвидуваше пад на продажбата за 14 отсто, а новата прогноза се објаснува со „сериозноста на глобалната рецесија, која станува сè поочигледна“.
„Мудис“ очекува побарувачката во Европа оваа година да падне за 30 отсто, што е влошување во однос на претходната проекција на падот од 21 отсто. Продажбата во САД би требало, според очекувањата на оваа агенција, годинава да падне за 25 отсто, што исто така е значително повеќе во однос на претходната проекција од 15 отсто.
Кина е единствениот голем пазар на автомобили за кој „Мудис“ не ја промени прогнозата за 2020 година и таа оваа година би требало да се намали за 10 отсто.