Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) достави до грчките колеги предлог и динамика за најавеното намалување на цените во роаминг, што, според меморандумот што го потпишаа двете држави, треба да почне од летната сезона.
Првата година по влегување во сила на меморандумот, според предлогот, цените за пренос на податоци во малопродажба би се намалиле за 93 проценти, на појдовни повици во малопродажба за 77 проценти, а кај СМС за 69 проценти.
Од АЕК за медиумите информираа дека чекаат известување од грчкиот регулатор за електронски комуникации кога од нивна страна ќе бидат завршени националните процедури и ќе се исполнат предусловите за да може да се реализира најавата од потпишувањето на меморандумот на 19 февруари годинава од ресорните министри Никос Папас и Дамјан Манчевски
Според предлогот на АЕК, конкретно, од 1 јули малопродажната цена за МБ ќе изнесува 0,70 евра. Појдовен повик од 1 јули треба да чини 0,29 евра. Цената на испратени СМС од јули годинава би чинела 0,09 евра.