Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека не е запознаено со каков било договор меѓу Москва и Вашингтон за вклучување на европските земји во разговорите за завршување на војната во Украина.
Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, изјави дека ова прашање воопшто не било разгледувано за време на разговорите со американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер во Москва.
– Колку што е информирано Министерството за надворешни работи, ова прашање не било дискутирано за време на преговорите со Стив Виткоф и Џаред Кушнер во Москва – изјави Захарова.
Нејзината изјава доаѓа по најавата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, дека Германија, Франција, Велика Британија, Италија и Полска, заедно со институциите на Европската Унија, ќе ја претставуваат Европа во евентуалните мировни преговори меѓу Русија и Украина.
Кошта ги поздрави дипломатските напори за започнување разговори со Москва, изразувајќи надеж дека тие ќе донесат конкретни резултати.
Во меѓувреме, американскиот специјален пратеник Џаред Кушнер, по синоќешната средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Даблин, изјави дека Русија и Украина се согласиле во следната рунда преговори да бидат вклучени и европските држави.
– Не можеме да го постигнеме овој договор без Европејците да учествуваат во преговорите – изјави Кушнер, додавајќи дека рускиот претседател Владимир Путин „е подготвен да се обиде“.
Спротивставените изјави од Москва и Вашингтон отвораат прашања околу тоа дали навистина постои согласност за проширување на преговарачкиот формат и каква улога ќе имаат европските земји во идните дипломатски напори за завршување на војната во Украина.
































