Фото: ЕПА

Светската здравствена организација (СЗО) регистрира охрабрувачки напредок во справувањето со епидемијата на ебола во Демократска Република Конго, но предупредува дека вирусот продолжува да се шири во оддалечените и тешко достапни делови на земјата.

Раководителот на Програмата за здравствени итни случаи на СЗО, Чикве Ихеквеазу, изјави дека се забележуваат позитивни поместувања, особено во поранешните жаришта на епидемијата, меѓу кои и Бунија, во источниот дел на Конго.

Сепак, тој предупреди дека нови случаи се регистрираат во сè поголем број рурални подрачја, каде што пристапот на медицинските и хуманитарните тимови е отежнат.

– Најголемиот предизвик со кој се соочуваме во моментов е зголемената несигурност – истакна Ихеквеазу, пренесуваат британските медиуми.

Специјалниот координатор на Обединетите нации за ебола, Џулиен Харнис, посочи дека подрачјето зафатено со епидемијата е исклучително големо, што дополнително ја отежнува организацијата на здравствениот одговор.

– Но, во 80 проценти од случаите, низ тој огромен простор, успеваме да ги извршуваме нашите активности – изјави Харнис.

Според објавените податоци, бројот на потврдени случаи на ебола надминал 11.000, а епидемијата од Конго се проширила и во делови од Источна, Централна и Западна Африка.

Здравствените власти во средината на мај соопштија дека епидемијата е предизвикана од редок сој на вирусот, познат како „Бундибугјо“, за кој во моментот на објавувањето на информацијата немало одобрени лекови или вакцини.

Дополнителна загриженост предизвикува и безбедносната состојба на терен. Според податоците на СЗО, во погодените области досега биле регистрирани 80 напади врз здравствени установи и здравствени работници, што сериозно ги отежнува напорите за контрола на епидемијата.