Фото: МИА

Дваесет и четири пациенти повредени во пожарот во Кочани беа прегледани и евалуирани од медицински тим од израелскиот Медицински центар „Шеба“. Кај 16 од нив беа извршени оперативни интервенции, шест на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје и 10 во Општата болница во Кочани. Акцентот беше ставен на пациентите со повреди на рацете и дланките.

Ова денеска го соопшти министерот за здравство Сашо Клековски на прес-конференција, на која присуствуваше и израелскиот медицински тим. Тој истакна дека пациентите кои досега се лекувале во странство почнуваат со третмани во Македонија.

– Државата е тука за повредените од Кочани на долги патеки. Ова е демонстрација на таа посветеност – кога ќе помине вниманието од многу други страни, здравствените власти ќе бидат тука и ќе ја дадат целата неопходна поддршка. За мене, посебен успех од оваа интервенција е што некои од повредените, кои досега беа третирани во Унгарија и во Србија, сега почнаа со третмани тука во Македонија. Тоа е важно бидејќи оваа грижа не е само еднократен третман. На овие повредени ќе им треба континуирана грижа, а таа најдобро ќе биде обезбедена тука дома, во Општата болница во Кочани и на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје – рече Клековски.

Тој посочи дека Медицинскиот центар „Шеба“ од Тел Авив осум години по ред се наоѓа меѓу десетте најдобри медицински центри во светот и располага со големо искуство.

На прес-конференцијата присуствуваа д-р Моти Харац, директор на Националниот центар за изгореници и Одделот за интензивна нега на изгореници при Медицинскиот центар „Шеба“, како и пластичните и реконструктивни хирурзи Матан Шерф и Тал Канфино Кац.

– Моти и Тал беа присутни тука во март минатата година, бидејќи беа дел од израелскиот тим кој помагаше веднаш по несреќата. Голема благодарност до болницата ‘Шеба’ и до нив лично за она што го прават за нас – додаде Клековски.

Д-р Харац рече дека за нив е голема привилегија да бидат во Македонија и да учествуваат во напорите за лекување на пациентите. Тој посочи дека ова е нивна втора посета и дека забележале значителен напредок во изгледот на постоперативните лузни.

– Повредите од изгореници се едни од најтешките медицински состојби за лекување. Тие бараат долгорочно следење и третман бидејќи лузните континуирано се менуваат, особено кога станува збор за тешки повреди на дланките и на функционалните делови од телото. Многу е тешко да се третира акутната фаза, а уште поголем предизвик е долгорочната грижа за рехабилитацијата и враќањето на функцијата. Повредите од изгореници опфаќаат повеќе аспекти: функционални, особено кога се зафатени рацете и екстремитетите; естетски, кога станува збор за лузни и повреди на лицето; но и психолошки. Континуитетот на грижата и поддршката е клучен за овие пациенти – истакна Харац.

Тој нагласи дека посветеноста на македонските лекари и начинот на кој ги следат и се грижат за пациентите се нешто што не може да се научи.

– Не станува збор за технологија или за нешто друго, туку за грижа и посветеност. Ова е извонредна работа. Во изминатите неколку месеци бевме во постојан контакт со вашите доктори, ги разгледувавме случаите и дискутиравме што може да се подобри и како да го направиме тоа. Во изминатите денови прегледавме 24 пациенти. За секој од нив разговаравме за медицинскиот напредок, за потребните операции, времето кога треба да се изведат и најдобрите опции. Во последните три дена извршивме 16 операции, вклучително и реконструктивни зафати, подобрување на лузните и враќање на функцијата и подвижноста – рече д-р Харац.

Тој додаде дека очекуваат операциите да донесат значително подобрување, но нагласи дека најважни се долгорочното следење и континуираната грижа за пациентите.

Директорката на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, д-р Јасмина Ѓорѓиевска-Павловска, соопшти дека посложените операции биле извршени на оваа клиника. Меѓу нив биле трансфер на тетиви за подобрување на функционалноста на дланките, како и артродези – фиксирање на зглобовите во физиолошка положба за подобра функционалност и естетски изглед.

Биле коригирани и повеќе хипертрофични лузни, кои често ја ограничуваат функционалноста на дланката. Со интервенциите, како што посочи, било овозможено и зголемување на должината на прстите.

– Навистина сум презадоволна од нивната ангажираност, но и од работата на нашите колеги на Пластична хирургија. Овие деца, овие пациенти, не се оставени сами на себе од првиот момент до денес. Изгореницата е дијагноза за цел живот, а Клиниката и Министерството, односно сите ние, стоиме зад овие пациенти – рече Ѓорѓиевска-Павловска.

Директорката на Општата болница во Кочани, д-р Катарина Мирчовска, посочи дека пациентите биле избрани врз основа на функционалноста на дланките. Таа им се заблагодари на анестезиолозите, инструментарките и болничарите од кочанската болница, како и на тимовите и специјализантите од Клиниката за пластична хирургија.

– Она што следува е потешкиот дел – физикалната и работната терапија, со цел овие операции целосно да ја вратат функционалноста на дланките. Предизвикот допрва следува, а тоа е организирањето на физикалната терапија и обезбедувањето континуитет во грижата и негата. Болницата во Кочани е вклучена поради местото на живеење на пациентите, достапноста на здравствените услуги и можноста за континуирана нега. Важни се и обуката на кадарот, која веќе е спроведена, како и соработката со Клиниката за дерматологија. Во следната фаза се предвидени ласерски третмани, како и третмани на Клиниката за пластична хирургија – рече Мирчовска.

Д-р Гордана Георгиева од Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, која ја раководи работната група за координација на здравствените активности и грижата за повредените од Кочани, рече дека во изминатата година третманот на пациентите се одвивал мултидисциплинарно.

Покрај оперативните интервенции, биле спроведувани и конзервативни методи за лекување на изгорениците и третман на лузните со ласер и компресивна терапија, како и психосоцијална и физикална рехабилитација.

Таа посочи дека во текот на изминатата година биле формирани две работни групи за евалуација на пациентите, кои го следеле текот на лекувањето и давале препораки. Истовремено, биле спроведувани консултации со светски експерти за третман на лузни од изгореници.

– Бројот на такви лекари во светот е многу мал бидејќи станува збор за супспецијалност. Најголемиот предизвик при третманот на лузните од изгореници е одредувањето на вистинското време за операција. Откако ја поминавме првата фаза на конзервативно лекување и ласерски третмани, дојдовме до моментот кога заедно со израелскиот тим ги извршивме оперативните интервенции за подобрување на функцијата на дланките. Во наредниот период ќе се изработи план со новата група за евалуација на пациентите при Министерството за здравство, за да продолжи нивното следење. Работата не е завршена – кај дел од овие пациенти, но и кај други, ќе бидат потребни дополнителни операции – нагласи Георгиева.

Таа додаде дека се во комуникација со експерти од Белгија, Австрија и Хрватска. Во зависност од индикациите и приоритетите, ќе продолжат оперативните интервенции и следењето на пациентите, како и втората фаза од третманот со CO2 ласер на Клиниката за дерматологија.

Целта, како што истакна, е подобрување на квалитетот на животот на повредените, а процесот на лекување и рехабилитација ќе биде долготраен и ќе трае повеќе години.