Фото: „Нова Македонија“

Учениците и студентите, со поддршка на просветните работници, претпладнево ќе одржат протести во Атина и во повеќе градови низ Грција под слоганот „Од Грција до Франција се бориме за бесплатно, јавно образование“, јавува дописничката на МИА од Атина.

На протестите ќе бидат истакнати барањата образованието да остане јавно и бесплатно за сите, да не се укинува членот 16 од грчкиот Устав, кој се однесува на приватните универзитети, да се зголеми финансирањето на училиштата и факултетите, како и да се надмине недостигот од професори и наставници.

Поддршка за протестите даде и Федерацијата на просветните работници од средните училишта, која најави четиричасовен прекин на работата од 10 до 14 часот, со цел да се овозможи учество на професорите и наставниците во собирите.

-Ги поддржуваме нашите ученици и студенти кои го бараат правото на јавно и бесплатно образование, на студии и на живот каков што заслужуваат. Заедно го креваме гласот против политиката што ги остава училиштата без неопходните финансиски средства, без кадар и инфраструктура, што им наметнува сè поголем товар на семејствата и поставува нови пречки во образованието – посочија од Федерацијата.

Протестот во центарот на Атина е закажан за 11 часот, а собири ќе се одржат и во повеќе од 30 градови низ Грција.