Србија не може да оствари вистински напредок во евроинтеграциите без спроведување конкретни реформи и обновување на довербата во односите со земјите членки на Европската Унија, изјави известувачот на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пицула.
Пицула на социјалната мрежа Икс информираше дека на вчерашната седница на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) посебно го отворил прашањето за Србија, во контекст на парламентарните избори кои, како што навел, од корен ја промениле политичката слика во земјата.
Тој посочил дека ја прашал еврокомесарката за проширување, Марта Кос, дали промената на власта во Србија може да доведе до пресврт во надворешната политика, особено во однос на усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и односите со соседните земји.
Според Пицула, Кос на седницата истакнала дека Унијата е подготвена да ѝ помогне на новата српска влада во спроведувањето на реформите, но дека е неопходно обновување на нарушената доверба меѓу Србија и земјите членки, како и довербата на српските граѓани во ЕУ.
-Без конкретни реформи и обновување на довербата нема вистински напредок на европскиот пат – навел Пицула.
Тој оценил дека во процесот на проширување на ЕУ е постигнат значителен напредок во изминатата година, посочувајќи дека Црна Гора е пред затворање на преговорите, Албанија пред затворање на кластер, додека Украина и Молдавија се пред отворање нови кластери.
-Владеењето на правото, демократијата и реформите остануваат темел на проширувањето, кое мора да се заснова на заслуги – истакнал Пицула, хрватски европратеник од редовите на социјалдемократите.
































