Фото: ЕПА

ОДРЖАНИ ИЗБОРИ ВО САД, НО ЗАСЕГА САМО СО НЕОФИЦИЈАЛНИ РЕЗУЛТАТИ

  • Демократската партија освои повеќе од 225 места во Претставничкиот дом. Демократите на тој начин ја презедоа контролата врз Конгресот
  • Честитајќи им на демократите, актуелниот претседател на САД истакна дека има целосно право на вето и дека е сигурен дека ќе успеат да најдат заеднички јазик. Трамп е сигурен дека демократите ќе сакаат да соработуваат со него. Во спротивно, тој акцентираше дека нема да се двоуми за активирање на демократскиот механизам – вето

Граѓаните на САД на завчерашните среднорочни избори ги избраа сите 435 члена на Претставничкиот дом за двегодишен мандат. Натаму, на изборите беа избрани 54 од вкупно 100 сенатори за шестгодишен мандат, како и 39 гувернери во 36 федерални држави.
Според сѐ уште неофицијалните извори проследени во американските медиуми, Демократската партија освои повеќе од 225 места во Претставничкиот дом. Демократите на тој начин ја презедоа контролата врз Конгресот.
По победата на среднорочните избори во САД, Демократската партија, освен мнозинство во Претставничкиот дом, ќе има мнозинство и во Сенатот, и тоа за време на владеењето на републикански претседател во Белата куќа.
Ваквата состојба е забележана за првпат по околу две децении. Тоа значи дека демократите ќе имаат поголема законодавна моќ од јануари, но сѐ уште со сигурност никој не може да знае во која мера изборниот резултат ќе влијае врз одлуките на претседателот Доналд Трамп за време на неговиот мандат.
Претседателот Трамп им честиташе на демократите за нивниот изборен резултат, притоа издвојувајќи го инструментот за користење на правото на своето претседателско вето.
– Мојата порака е: честитки до демократите и се радувам на соработката со вас за доброто на нашата земја. Познавам многу демократи. Имам целосно право на вето и сигурен сум дека ќе успееме да најдеме заеднички јазик. Мислам дека тие ќе сакаат да соработуваат со мене. Во спротивно, едноставно ќе ставам вето на сè, а тие сигурно не го сакаат тоа – кажа Трамп.
Претседателот Трамп задржува значителен простор за маневрирање во надворешната политика, вклучително и во однос на прашањата за европската безбедност, трговијата и војната во Украина. Дел од водечките републиканци веднаш најавија дека ќе бидат сојузници на Трамп и противтежа на демократите.
– Како што навлегуваме во 2027 година, републиканците во Сенатот нема со скрстени раце да гледаат како крајно левото социјалистичко крило на Демократската партија се обидува да поништи сè што сме постигнале. За среќа, претседателот Трамп сè уште е во Белата куќа – изјави лидерот на мнозинството во Сенатот, републиканецот Џон Тјун од Јужна Дакота.

Американските политички аналитичари истакнуваат дека демократите профитирале од незадоволството поради војната во Иран и поврзаните економски трошоци. Наедно, аналитичарите обрнуваат внимание на „внатрепартиската борба меѓу демократите околу прашања што се движат од поддршката за Израел, па сè до правата на трансродовите лица и економскиот популизам, што ќе има ефекти врз нивото натамошно дејствување“.
Американскиот претседател Трамп, пак, изјави дека војната во Иран делумно влијаела врз изборниот резултат, но дека не се кае што ја почна на крајот на февруари годинава.
Демократите освоија седум сенаторски места што претходно ги држеа републиканците, број што им беше потребен за да обезбедат мнозинство, победувајќи во Ајова, Канзас, Мејн, Северна Каролина, Охајо, Јужна Каролина и во Тексас.
Во Мичиген, демократот Абдул Ел-Сајед, лекар што дојде надвор од естаблишментот, испиша историја со победата во трката за Сенатот, станувајќи првиот сенатор од исламска вероисповед во земјата.
За одбележување е што во вторникот победија четворица Афроамериканци, а уште неколкумина се во трка за функции, чекајќи го конечниот исход. Победата на Киша Ленс Ботомс во Џорџија значи дека таа ќе биде првата црномуреста гувернерка во историјата на САД. Претходно само тројца Афроамериканци остварија победи на избори за гувернери во САД, а никогаш досега немало повеќе Афроамериканци што истовремено ја извршувале функцијата гувернер.
Џина Хинохоса испишува историја како прва латиноамериканска гувернерка на Тексас и прв демократ што ќе се всели во гувернерската резиденција по 1990 година.
На повеќето изборни места во САД, победата на една од партиите е сигурна, па така, контролата врз Конгресот зависи од неколку неизвесни, т.н. клучни изборни места. Експертите ги следат овие трки за да ги предвидат вкупните резултати; ако некоја партија освои места за кои се очекувало дека ќе ги загуби, тоа често е знак за успешен исход за неа. Р.С.


Изборниот резултат ги потресе светските берзи

Објавувањето на изборните проекции за освоеното мнозинство на демократите во двата дома на Конгресот на среднорочните избори во САД резултираше со пад на американските индекси на фјучерсите, на цените на акциите и на азиските берзи, главно под влијание на падот на цените на акциите поврзани со вештачката интелигенција, објавуваат светските медиуми. Истовремено, загуби претрпеа и акциите на одредени големи компании, а падна и курсот на доларот на девизните пазари.
Резултатот од изборите во САД би можел да има далекосежни последици за развојот на инфраструктурата за вештачка интелигенција, за фискалните перспективи на САД, распределбата на средствата за одбрана и за регулативата во сектори, како што се здравството, банкарството и криптовалутите, според аналитичарите. На девизните пазари, курсот на доларот се лизна надолу во однос на водечките светски валути. Р.С.