Фото: ЕПА

Претседателот на САД и претседателот на Русија ја кројат енергетската мапа на Европа

  • Зад американската мировна иницијатива се отвора многу поширока геополитичка игра. Според наши соговорници, политички аналитичари од Германија, „Вашингтон сака да ја извлече Москва од стратешката изолација, да ја врати Русија во економските текови и истовремено да ја преземе контролата врз новите енергетски врски со Европа“. За Брисел, пак, според истите соговорници, ЕУ, поточно Германија, ја плаќа највисоката цена за војната и „ризикува повторно да се најде пред свршен чин“

Војната во Украина сè повеќе добива две паралелни димензии. На едната страна е воениот судир, во кој Москва и Киев се обидуваат да ја подобрат својата позиција преку напади врз воената, енергетската и транспортната инфраструктура. На другата е дипломатската игра, во која Вашингтон настојува да го претвори американското посредништво во основа за нов политички и економски договор со Русија.

Украина на бојното поле, големите сили на преговарачката маса

Токму во таа двојност се наоѓа суштината на најновата иницијатива на американскиот претседател Доналд Трамп. За разлика од европските престолнини, кои украинската криза првенствено ја набљудуваат низ призмата на безбедноста на сопствениот континент, американскиот претседател во неа гледа и можност за пошироко геополитичко преструктурирање.
– Вашингтон не сака директен судир со Русија, ниту смета дека Москва може да биде трајно исклучена од меѓународните политички и економски односи. Тоа е суштинската разлика меѓу американскиот пристап на Трамп и европската политика, која во изминатите години се потпираше врз санкции, воена поддршка за Украина и ограничување на руското влијание. Трамповата стратегија, според тоа, не се исцрпува со обидот да се запре војната. Таа подразбира и создавање услови за повторно отворање на економските канали со Москва, особено во енергетиката, инфраструктурата и инвестициите. За Трамп, мирот може да биде и почеток на нов бизнис-модел во односите со Русија. За Путин, пак, секое ублажување на санкцискиот и економскиот притисок претставува можност за враќање на дел од изгубената меѓународна позиција. Во оваа комбинација, Украина, а уште повеќе Брисел, се соочуваат со најтешката дилема – како да го прифатат американското посредништво без да дозволат сопствената иднина да биде предмет на договор меѓу Вашингтон и Москва.
– анализира нашиот соговорник, политички аналитичар од Германија.

Енергетиката е вистинската вредност на новиот договор

Најинтересниот дел од американската иницијатива можеби не се однесува на воените линии и територијалните отстапки, туку на можноста за обновување на руските енергетски испораки кон Европа. Според информациите објавени од „Волстрит џурнал“, американските претставници Џаред Кушнер и Стив Виткоф ја разгледувале идејата рускиот природен гас повторно да стигнува до европските потрошувачи, вклучително и преку украинската гасоводна мрежа, но со американски посредници во трговскиот аранжман. Во врска со ова прашање, нашиот соговорник, аналитичар од Германија, има интересен одговор.
– Тоа е обид да се воспостави нова енергетска архитектура во која САД би имале значително поголемо влијание врз односите меѓу рускиот производител и европскиот потрошувач. Со други зборови, Вашингтон би можел да стане посредник во повторното воспоставување на врските што европските држави се обидоа да ги прекинат по отпочнувањето на воениот конфликт во Украина. Особено е значајна можноста за користење на преостанатиот функционален капацитет на „Северен тек“. Доколку таквата опција навистина влезе во конкретни преговори, тогаш станува јасно дека енергетското прашање не се третира само како дел од повоената реконструкција туку како еден од инструментите за постигнување поширок договор меѓу Москва и Вашингтон – вели нашиот соговорник.
Тој образложува кои се можните придобивки за САД и за Русија.
– Американската пресметка има неколку компоненти. Русија би добила можност повторно да заработува од европскиот пазар, американските компании би добиле посредничка и инвестициска улога, а Европа би добила дополнителен извор на снабдување во период на зголемена енергетска неизвесност. Но за ЕУ ова отвора сериозен политички проблем. Брисел веќе се определи за постепено напуштање на рускиот гас, со целосно прекинување на увозот предвидено за 2027 година. Евентуалното враќање на рускиот енергетски ресурс, дури и преку американски компании, би значело судир меѓу официјалната европска политика и економската реалност. Прашањето е дали Европа, вклучувајќи ја и Германија, ќе ја зачува својата стратегиска определба или повторно ќе се приспособува на интересите на поголемите играчи. Или, пак, во Германија ќе победи политичко-енергетската заложба на АфД за енергетска соработка со Русија, што на сојузен план во Германија би ѝ донело на АфД извонредна политичка предност, заради антиципација на енергетскиот предизвик поврзан со националната индустрија и економија – анализира нашиот соговорник.

Европа меѓу зависноста од Вашингтон и стравот од Москва

Позицијата на европските лидери е особено деликатна. Тие не можат да го прифатат американско-рускиот договор како готов факт, бидејќи последиците од него непосредно ќе се одразат врз европската безбедност. Но, истовремено, немаат ниту доволно политички простор лесно да му се спротивстават на Трамп. А колку подолго трае војната, толку поголеми стануваат финансиските и политичките трошоци за Украина и за нејзините поддржувачи.
Токму затоа енергетиката станува дополнителен фактор во дипломатската пресметка. Либералните елити на ЕУ сакаа да ја намалат зависноста од Русија, но во исто време мора да обезбедат стабилни и ценовно одржливи извори на енергија. Вашингтон ја препознава таа противречност и се обидува да ја претвори во преговарачка предност. Во оваа игра постои и поширока безбедносна димензија. Имено, американската администрација има интерес да ја ограничи можноста за посилно руско стратешко приближување кон Иран. Во услови на пошироки тензии на Блискиот Исток, односите Москва-Техеран добиваат дополнителна тежина во американската глобална пресметка. Оттука, Украина не е изолиран проблем во сегашната американска надворешна политика. Таа е дел од пошироката мрежа на односи во која Вашингтон истовремено ги пресметува интересите во Европа, Русија, Блискиот Исток и во Азија. И во оваа политика не треба воопшто да се очекуваат промени, дури и со поразот на републиканците и во Конгресот и во Сенатот на меѓуизборите што деновиве се одржаа во САД. Ако Брисел ја прифати новата енергетска реалност, односно без да има пресудно влијание врз договорот што ќе го креираат САД и Русија, тоа би било сериозен пораз на бриселската амбиција (Макрон-Мерц) за т.н. стратешка автономија на Европа.

Новиот поредок нема да се роди само од прекинот на огнот

На крајот, најважното прашање не е дали Трамп ќе успее да ги доведе Путин и Зеленски на иста преговарачка маса. Поважно е каков политички и економски систем ќе произлезе од евентуалниот договор. Доколку мирот биде придружен со постепено враќање на руската енергија на европскиот пазар, со американски компании како посредници и со нови инвестициски договори меѓу Вашингтон и Москва, тогаш ќе станеме сведоци на многу повеќе од завршување на една војна. Ќе станеме сведоци на создавање нов баланс на силите, во кој САД ќе настојуваат да ја зачуваат својата доминантна улога, Русија ќе го обнови своето економско и геополитичко влијание, а Европа ќе мора повторно да ја дефинира сопствената позиција. Украина, во таков расплет, ќе мора да се избори не само за безбедносни гаранции туку и за правото да не биде сведена на територија преку која големите сили ги реализираат своите договори. Ако војната во Украина заврши со договор што ќе го диктираат американските и руските интереси, тогаш мирот можеби ќе донесе крај на военото разурнување, но нема автоматски да донесе и европска самостојност и автономија. Напротив, таа со овие политики на Брисел влезе во сопствената политичко-економска, па и повеќеслојна замка. Затоа што, ако Трамп и Путин се договорат, а Си Џинпинг се согласи и изрази поддршка за тоа кој ќе ги контролира енергетските текови, во годините што доаѓаат економските врски и политичките правила на Европа се суштински доведени во прашање.

Доне Прентоски, постојан соработник на „Нова Македонија“ од Германија