Фото: ЕПА

Мирот во Украина како цена за новата поделба на геополитичките интереси

  • Вашингтон и Москва сè поотворено ја разгледуваат можноста војната во Украина да биде завршена со голем економски договор, во кој енергетиката, нафтата, гасот, рударството и инфраструктурата би станале основа за нормализација на односите. Во оваа дипломатска комбинаторика, Украина ќе биде сведена на објект во преговорите, а Европа ќе биде без соодветно политичко влијание

Зад дипломатските формулации за запирање на војната во Украина сè појасно се наѕира една поинаква стратегија на Вашингтон, во која Русија би била активно вклучена од САД во нејзино враќање во меѓународните економски текови и во обновена мрежа на заеднички големи бизнис-зделки и интереси. Со други зборови, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп верува дека економската меѓузависност може да го произведе она што воената конфронтација не успеа да го постигне, односно завршување на војната и воспоставување нови односи со Москва.

Мирот врамен како економски проект

Идејата на претседателот на САД звучи прагматично, во негов стил и со трансакциски карактер. Американските компании би добиле пристап до руски енергетски и рударски ресурси, Русија би ги обновила трговските врски со Западот, Европа би можела да добие поевтини енергенти, а Украина би заработувала од транзитот на руската нафта и гас.
– Во ред е сето тоа, и се разбира дека мирот треба да биде конечен приоритет, заедно со одржливиот понатамошен раст и развој. Но, сепак, постои и еден друг предизвик, а мислам за помалите држави, што се идентификува преку прашањето „дали мирот ќе биде резултат на меѓусебен компромис или на нова спогодба меѓу големите сили, во која сите други помали држави ќе мораат да се приспособат на американско-руските договори и дали претседателот на САД наметнува меѓународна практика за промена на геополитичката архитектура по формула на големите и без меѓународните организации како што е ОН – истакнува во разговор наш соговорник, дипломат од кариера, со кого често нашата редакција разменува мислења по прашања од меѓународните односи и дипломатија.

Од Сахалин до „Дружба“ е економската карта на новото приближување

Списокот на проектите за кои, според американските и западните медиумски извори, разговараат претставниците на двете држави е впечатлив и по обем и по политичката тежина. Се споменуваат заеднички нафтени инвестиции во близината на рускиот остров Сахалин, повторно активирање на нафтоводот „Дружба“, обновување на испораките преку преостанатата инфраструктура на „Северен тек“, учество на американски компании во продажбата на меѓународните средства на Лукоил, како и соработка во областа на титаниумот и калиумовите ѓубрива.
– Во игра се и многу пошироки интереси. И не само тоа што претходно го споменувате. Тука е и повторно отворање на рускиот воздушен простор за американските авиокомпании, вклучување на руската компанија „Новатек“ во американски гасни проекти, па дури и ако не сте чуле, тука е во комбинација и можноста за американско управување со нуклеарната централа „Запорожје“, чие производство на електрична енергија би се распределувало меѓу Украина и Русија. Ова не е обичен список на деловни можности. Тоа е практично нацрт за постепено враќање на Русија во економската структура на Западот. Особено е значајно што дел од овие проекти се однесуваат на стратешки сектори во кои западните санкции требаше да ја ограничат Москва за својата финансиска способност, а всушност не испадна така. Сега Трамп планира нешто сосема спротивно и веројатно ќе пронаоѓа нов клуч за отворање на заедничката порта кон нови можности – вели дипломатот.

Кремљ го нуди она што Вашингтон сака да го слушне

Според анализата на нашиот соговорник, „за Москва, американската иницијатива има повеќекратна политичка и економска вредност“.
– Русија не добива само можност за нови инвестиции и пазари туку и шанса да го прекине процесот на обидот на Западот за наметнување меѓународна изолација и да ја врати својата позиција како неизбежен партнер во глобалната економија. Во таа насока треба да се разбере и таканаречениот пакет на Кирил Дмитриев, шефот на Рускиот фонд за директни инвестиции и специјален претставник на Кремљ за економска соработка. Според информациите изнесени од украинската страна, станува збор за проекти чија потенцијална вредност се проценува на околу 12 билиони долари. Во нив се вклучени енергетиката, рударството, инфраструктурата и други стратешки индустрии. Не е случајно што украински претставници го опишуваат овој концепт како „бизнис во замена за војна“. Москва, всушност, се обидува да покаже дека завршувањето на конфликтот може да донесе огромни економски придобивки за американските компании и политичката администрација во Вашингтон. За Трамп, таквата понуда има и внатрешнополитичка димензија. Можноста за американски инвестиции во Русија, поевтини енергенти и за отворање нови пазари може да се претстави како конкретен резултат на неговата дипломатија. Во таква политичка конструкција, мирот не се мери само преку прекинот на огнот туку и преку договорите, инвестициите и економските придобивки што би ги донел – анализира дипломатот.

Украина не сака повторно да зависи од Москва

Според информациите на нашиот соговорник, дипломат од кариера, „Киев гледа со голема недоверба на овие американски идеи“.
– На тричасовната средба на Флорида, на 9 октомври, американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер, според извештаите, му го претставиле на Кирило Буданов концептот за повоен „регионален просперитет“. Основата била повторно воспоставување на руските испораки на нафта и гас кон Европа преку украинските нафтоводи и гасоводи. Украина би добивала приходи од транзит, Европа поевтина енергија, а Русија повторно би ги користела трговските правци што ги изгуби поради војната. Но, наводно, Буданов одговорил со реченицата: „Нашиот пример не е Белорусија, туку Полска“, во смисла на тоа дека овој Киев практично од почетокот на своето доаѓање на власт сака да продолжи да гради релации со Западот, а не со Москва. Но особено е симптоматично е што, наводно, Виткоф потоа побарал од украинската делегација да го прифати договорот за дизел и инсистирал Украина да ги прекине нападите врз руските рафинерии, со образложение дека тие ја загрозуваат пошироката меѓународна заедница. За Киев, тоа било уште еден сигнал дека американските приоритети можат да се разидат со украинските воени и безбедносни интереси – вели нашиот соговорник, дипломат, добро упатен во меѓународните односи и, како што самиот вели, добро упатен и во новиот развој на настаните врзани за Украина.

Европа сѐ уште далеку од преговарачката маса

– Дипломатските контакти на финскиот претседател Александер Стуб и норвешкиот премиер Јонас Гар Стере со Путин на 27 октомври треба да се разгледуваат токму во контекстот дека институциите на ЕУ не играат во првиот тим за мировните преговори за Украина. Всушност, намерата на Брисе била да се отвори комуникациски канал и да се испитаат можностите за напредок во преговорите и за вклученост на ЕУ. Но самото појавување на вакви поединечни европски дипломатски иницијативи предизвикува и несогласувања во Европа. На пример, данската премиерка Мете Фредериксен предупреди дека Европа треба да остане единствена, наместо секоја држава да дејствува самостојно – вели нашиот соговорник, истакнувајќи ги европската неорганизираност и некоординираност во однос на мировните иницијативи за Украина. Р.С.


Забелешки и размислувања на еден дипломат

Москва нема да преговара само за Украина

Според дипломатот со кого разговаравме, во преговорите што ќе следуваат „руските барања нема да се ограничуваат на украинските територии и безбедносни гаранции“.
– Да потсетам, во пошироката руска стратегија повторно се појавува прашањето за военото присуство на НАТО во Европа и за враќање на безбедносната архитектура кон состојбата од 1997 година. Тоа практично значи дека Москва сака да отвори поширока расправа за распоредувањето „странски воени сили“ во европските држави, односно да ги врати во преговарачкиот процес барањата што ги постави уште во декември 2021 година, непосредно пред т.н. специјалната операција во Украина. Русија не бара само договор за прекин на војната туку и промена на безбедносната архитектура што малку поагресивно ја наметна Западот, преку своите инсталации во Украина. Целта на Москва е да ја ограничи стратегиската таканаречена експанзија на НАТО на источното крило. Затоа пораката на советникот на Путин, Јуриј Ушаков, дека не е доволно да се разговара само со Киев, има многу пошироко значење. Имено, таа иста изјава ја толкуваше и поранешниот руски дипломат Борис Бондарев, при што рече дека изјавата всушност е упатена до Вашингтон, односно дека од Трамп се бара да изврши притисок врз Киев, но и врз Европа, за да може Москва да биде задоволна кога би се вратиле работите во поранешната состојба – тврди нашиот соговорник. Р.С.