- Советодавните панели добија ажурирани информации за тестирањето на прекините за тактички цели поради повреди на голмани, за тековното тестирање на новото правило за офсајд во Канада и за тестирањата на системот ФВП. Тие не го поддржаа воведувањето на новото одбројување од пет секунди, но го поддржаа предлогот за користење само едно фрлање паричка пред пенал-сериите. Исто така, беше разгледано однесувањето на учесниците за време на изведувањето на пеналите, како и конфронтациите околу топката по постигнување гол
Фудбалските и техничките советодавни панели на Меѓународниот фудбалски борд (ИФАБ), кои ги обединуваат засегнатите фудбалски страни од целиот свет, одржаа онлајн состанок за да разговараат за неодамнешните мерки за намалување на нарушувањето на темпото на игра и за подобрување на однесувањето на учесниците, како и за преглед на случувањата поврзани со системот видеопомошник-судија (ВАР), пишува ИФАБ, кој е независно тело што ги донесува фудбалските правила.
Членовите на панелите ги разгледаа потенцијалните измени и појаснувања за вклучување во изданието на правилата за играта за сезоната 2027/2028, во контекст на општ консензус за минимизирање на понатамошните измени додека фудбалот продолжува да се приспособува на неколку значајни измени направени претходните години.
Членовите добија ажурирање за тестирањето на употребата на прекини поради повреди на голмани за тактички цели и беа задоволни од позитивните почетни резултати од земјите што учествуваат во тестирањето. Целта на ова тестирање е да се спречат неправедни тактички повреди на голманите што ја нарушуваат играта и им дозволуваат на тренерите да им даваат инструкции на своите играчи, а принципот е ако голманот добие третман на теренот или неговата повреда предизвика запирање на играта, друг играч од тој тим мора да го напушти теренот една минута по продолжувањето на играта, пишува Меѓународниот фудбалски борд.
И покрај широкиот успех на неодамнешните мерки за спречување на задржување на времето, советодавните панели не поддржа воведување на одбројувањето од пет секунди, кое веќе се користи за аути и за гол-аути, на корнери и на слободни удари од различни причини, вклучително и тоа што станува збор за сложени тактички ситуации, пишува ИФАБ.
Како начин за поголема праведност беше поддржан предлогот за користење само едно фрлање паричка пред изведувањето пенали во пенал-сериите по нерешен резултат, со кое еден капитен ќе избере кој гол ќе се користи за пеналите или дали неговиот тим ќе го изведе првиот или вториот удар во серијата пенали. Сега има две фрлања, едно за голот на кој ќе се шутира и друго за тоа кој прв ќе изведува пенал.
Дискусиите за однесувањето на учесниците го опфатија однесувањето на шутерите и на голманите за време на изведувањето пенали и конфронтациите околу топката по постигнување гол. Исто така, беа дискутирани држењето и туркањето пред изведувањето корнери и пред слободните удари, но беше договорено дека има доволно одредби во рамките на важечките фудбалски правила.
На состанокот беа дадени ажурирања за тековното тестирање на правило за офсајд во канадската Премиер-лига и тестирањата на системот фудбалска видеоподдршка (ФВП), кој им помага на натпреварувањата со ограничени ресурси да користат снимки за повторување ситуации за да им помогнат на судиите.
Според ревидираниот пристап, фудбалер нема да се смета дека е во офсајд ако барем еден дел од неговото тело што легитимно може да се користи за постигнување гол (не рацете) е во линија со (или зад) претпоследниот одбранбен фудбалер, а на играчот ќе му биде досуден офсајд само ако има простор меѓу него и одбранбениот фудбалер, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Системот ФВП им овозможува на тимовите да побараат одреден број прегледи на ситуации од натпревари користејќи ги достапните снимки од преносите, дизајниран е за натпревари каде што се користат малку камери, а другите ресурси се ограничени и системот е фундаментално различен од ВАР, бидејќи нема вклучени службени лица и одлуките затоа не се проверуваат автоматски, пишува ФИФА.
Советодавните панели беа информирани и за претстојното сеопфатно разгледување од ИФАБ на системот ВАР и протоколот. Врз основа на повратните информации и независната анализа на податоци, со прегледот ќе се испита потенцијалното подобрување на ефикасноста, пишува Меѓународниот фудбалски борд. Н.М.
































