Фото: МИА

Со црвени рози, песни и спомени за Тоше Проески, денеска во Крушево беа пречекани 14 маратонци кои по 19-ти пат ја истрчаа патеката од Нова Градишка, Хрватска, до Гумење во Крушево, каде што се наоѓа вечното почивалиште на македонската музичка легенда.

Маратонците тргнале пред два дена од спомен-обележјето во Нова Градишка, местото каде што Тоше Проески загина во сообраќајната несреќа на 16 октомври 2007 година. По завршувањето на патеката, тие се поклонија пред неговиот гроб, во знак на почит и сеќавање на пејачот чија музика и хуманост оставија траен белег.

-По 19-ти пат го истрчавме патот до Гумење во Крушево, до вечното почивалиште на Тоше. Имавме делови напорни за трчање, ама бевме подготвени и со пожртвуваност стигнавме до целта. Сето тоа е за Тоше. Нашата мисија не е кој колку ќе истрча, туку да стигнеме и да му помогнеме на секого кому му треба помош, како што правеше Тоше – изјави маратонецот Наум Капричевски.

На гробот на Тоше беше запалена и рачно изработена свеќа од отец Кирко Велински од црквата „Света Злата Мегленска“ во Загреб. Маратонците добија и винил-плоча од албумот „Игри без граници“ на Проески.

Почит на пејачот му оддадоа и негови обожаватели од различни генерации. Меѓу нив беше и Хрватката Стела Прислан Фујс, која веќе 19 години доаѓа во Крушево за да се присети на Тоше.

-Деветнаесет години како да беа вчера. Тоа ќе биде засекогаш. Верувам дека Тоше е игра без граници, човек без граници, љубов без граници, енергија без граници и дека тоа нема крај – рече таа.

И помладите генерации го чуваат споменот за пејачот. Ученичката од Крушево, Јана Цветкоска, која е родена по смртта на Тоше, вели дека неговото дело и понатаму живее меѓу младите.

-Ние правиме паноа за Тоше, ги пишуваме и ги слушаме неговите стихови. Тоше вечно е во сеќавањата – рече Цветкоска.

Спомен-куќата „Тодор Проески“ на Гумење денеска повторно ги претстави 380-те експонати што ги чува, додека уште толку се наоѓаат во депото.

Директорот на Спомен-домот, Зоран Николоски, истакна дека 16 октомври е ден на тага и сеќавање на големата загуба за македонската музика.

-Овој ден не е за радување, туку за тага по Тоше. Загубивме голема личност, а Македонија изгуби голем музичар и амбасадор. Денеска се присетувавме на неговиот живот, стиховите и песните и достојно ги пречекавме маратонците – рече Николоски.

Крушевчани и годинава ја продолжија традицијата маратонците да ги пречекуваат со црвени рози, симболично оддавајќи му почит на Тоше Проески.