Фото: Пиксабеј

Најголемата нелегална фабрика за цигари во Словенија е откриена во индустриската зона Тримлини, во близина на Лендава, недалеку од граничниот премин Петишовци. Истрагата започнала откако службеници на Финансиската управа запреле камион на патот меѓу Лендава и Петишовци, објави словенечкиот медиум „Словенске новице“.

Според првичните процени, вредноста на запленетата стока изнесува околу 30 милиони евра, што ја вбројува акцијата меѓу поголемите заплени во Европската Унија во последниот период.

Покрај нелегалното производство на цигари, во фабричката хала биле откриени и тешки услови во кои престојувале работниците. Според неофицијалните информации на медиумот, таму живееле и работеле најмалку 20 странски државјани, наводно од Парагвај, за кои постојат сомневања дека биле принудувани да работат од страна на криминална организација.

Работниците наводно им кажале на истражителите дека биле затворени во фабриката и дека не ја виделе дневната светлина најмалку 25 дена. Тие спиеле во халата, а храната им била доставувана само во вечерните часови.

Словенечката полиција потврди дека, покрај нелегалното производство на цигари, истражува и сомневања за трговија со луѓе. Според досегашните информации, постои сомневање дека групата што управувала со фабриката е поврзана со меѓународни криминални мрежи.