Во Министерството за здравство денеска беа објавени протоколите за дисперзирана терапија за мултиплекс склероза, заедно со директорите на Универзитетската клиника за неврологија, Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ – Охрид, ГОБ „8-ми Септември“ – Скопје и Клиничката болница Штип, соопшти Министерството за здравство.
– На Клиниката за неврологија се водат околу две илјади пациенти со мултиплекс склероза, од кои околу 1.800 активно се лекуваат, а бројот на новодијагностицирани расте – само во 2025 година тие се 115. Во моментот, 835 пациенти од 48 општини се на имуномодулаторните лекови опфатени со дисперзијата и сите тие терапијата ја подигаат или ја примаат на Клиниката во Скопје. Од нив, 491 живеат надвор од скопскиот регион и многумина патуваат секој месец, често со придружник, што значи трошок, отсуство од работа и дополнителен напор за луѓе со хронична болест. Децентрализацијата овозможува да се опслужат повеќе пациенти без Клиниката да стане тесно грло – посочи министерот Клековски.
Тој додаде дека буџетот за лекови за мултиплекс склероза годинава изнесува рекордни 451 милион денари.
– Ова е модел. Тоа е олеснување за пациентите, кои терапијата ќе ја добиваат поблиску до својот дом, но и унапредување за здравствените работници во регионалните болници, чиј делокруг на работа се збогатува. Секако, ова е модел и за други области, како онкологијата – изјави министерот Клековски.
Директорот на Универзитетската клиника за неврологија, Јован Божиновски, истакна дека иницијативата е одговор на долгогодишните барања на Здружението за борба против мултиплекс склероза.
– Правилникот ги утврдува лековите, надлежностите, условите за центрите и постапката, а со протоколот секоја болница одделно ги презема обврските што ја засегаат. Болниците се обврзуваат да одредат одговорен невролог, фармацевт и обучени медицински сестри, да ги чуваат и издаваат лековите по пропишан режим, да ја евидентираат секоја доза и да ги пријавуваат несаканите реакции во рок од 24 часа. Клиниката ја задржува стручната, финансиската и организациската одговорност: таа ги набавува лековите, преку Комисијата за имуномодулаторна терапија одлучува за секој пациент, ја фактурира терапијата кон Фондот за здравствено осигурување и врши надзор во центрите најмалку еднаш годишно – појасни директорот Божиновски.
Според соопштението од МЗ, децентрализацијата опфаќа десет лекови, поделени во две групи. Во првата се лековите што пациентот сам си ги применува – интерфероните, глатирамер ацетат и оралните лекови (диметил фумарат, терифлуномид, кладрибин) – и тие се подигаат месечно од болничката аптека на центарот. Во втората се биолошките лекови окрелизумаб, натализумаб и офатумумаб, сите во субкутана форма, кои ги аплицира медицинско лице во центарот.
– Терапијата се воведува на Клиниката, каде пациентот ја прима првата доза, поминува обука и потпишува согласност, а сите наредни дози ги прима во регионалниот центар. Контролите се на секои шест или 12 месеци, со дигитален конзилиум. Во првата фаза Клиничката болница Штип ќе ги покрива источниот, југоисточниот и вардарскиот дел од земјата, со околу 128 пациенти. Специјалната болница „Св. Еразмо“ ќе го покрива југозападниот дел и Битола, со околу 146 пациенти, додека ГОБ „8-ми Септември“ ќе ги преземе пациентите од Скопје, односно 344 лица – се вели во соопштението.
Во соопштението е додадено дека вкупно 618 пациенти, или 74 проценти, ќе можат терапијата да ја добиваат во регионален центар, а заедно со пациентите од граничните општини, кои самите ќе го изберат центарот, бројот може да достигне до 692, односно 83 проценти.
– Преминот е доброволен – пациентот ќе биде префрлен дури откако ќе потпише писмена согласност. Оние што нема да сакаат да преминат на регионален центар ќе продолжат да ја добиваат терапијата на Клиниката за неврологија, без никакви последици врз нивното право на лекување – се вели во соопштението од МЗ.
































