Фото: ЕПА

Земјите што размислуваат да распоредат нуклеарно оружје во близина на руските граници се „длабоко во заблуда“ доколку веруваат дека со тоа ќе ја зголемат сопствената безбедност, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Според него, таквиот чекор би имал спротивен ефект и би придонел за дополнителна ескалација и зголемување на тензиите, пренесоа руските медиуми.

Песков порача дека Русија, согласно своето законодавство, ќе ја обезбеди безбедноста на Калининградскиот регион, кој е составен дел од Руската Федерација. Притоа, тој нагласи дека неодамнешните изјави за подготвеноста на Москва да го заштити регионот не треба да се толкуваат како конфронтациска порака, пренесе „Њуз24“.

 – Кога сфатија дека НАТО, предводено од САД, повеќе не може целосно да ја гарантира нивната безбедност, Европа, наместо да бара начини за деескалација, одлучи да создаде свој безбедносен идентитет – рече Песков.

Во меѓувреме, руската амбасада во Белгија ги предупреди НАТО и белгиското Министерство за надворешни работи дека активностите на Алијансата во близина на Калининград и зголемувањето на тензиите го зголемуваат ризикот од директен вооружен конфликт.

Амбасадата навела и дека Москва е подготвена да го искористи „целиот расположлив арсенал“ за да ја заштити својата територија.

Песков се осврна и на говорот на рускиот претседател Владимир Путин на Минхенската безбедносна конференција во 2007 година, оценувајќи дека предупредувањата што тогаш ги упатил „се покажале како вистинити“.

Тој рече дека говорот на Путин во тоа време бил погрешно протолкуван како конфронтациски, тврдејќи дека рускиот претседател всушност зборувал за отвореност кон дијалог, но и предупредил на продлабочување на противречностите и создавање услови за конфронтација.

На конференцијата во Минхен во 2007 година, Путин ја критикуваше надворешната политика на САД и концептот на униполарен светски поредок, а се спротивстави и на проширувањето на НАТО и на плановите за распоредување американски елементи на противракетна одбрана во Источна Европа.